(ВИДЕО) Герасимовски: Полицијата веднаш да реагира на новото вандалско однесување во Капиштец!

Во населбата Капиштец синоќа повторно беше нарушен јавниот ред и мир, откако група малолетни лица со непримерно однесување извршија серија вандалски активности. Тие кршеа шишиња, палеа петарди и предизвикуваа тепачки, со што ја загрозија безбедноста на локалното население.

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, остро го осуди овој чин и побара итна интервенција од надлежните институции.

„Ова не е изолиран инцидент, туку континуиран проблем кој бара итна реакција. Како одговорни граѓани, веќе поднесовме пријава до надлежните институции и апелираме до Министерството за внатрешни работи веднаш да преземе мерки за справување со овие недолични активности и да поведе детална истрага,“ истакна Герасимовски.

Општината апелира до Министерството за внатрешни работи да преземе брзи и ефикасни мерки за справување со ваквите појави, со цел да се спречат потенцијални трагични последици.

Градоначалникот предупреди дека малолетниците вклучени во ваквите дејства не само што им наштетуваат на другите, туку ризикуваат и да се повредат самите.

„Очекуваме брза и ефикасна реакција за да се спречи некоја поголема трагедија“, додаде Герасимовски.

Back to top button
Close