Видео: Грчките земјоделците го завршија протестот во Атина, тракторите си заминаа, но велат дека битката продолжува

Со сирени и свирење, исто како што и пристигнаа, тракторите на грчките земјоделци претпладнево си заминаа од Атина, откако во текот на ноќта останаа паркирани пред грчкиот Парламент, а земјоделците за МИА велат дека продолжува нивната битка сѐ до исполнување на сите барања,

Околу 50 трактори вчера пристигнаа во Атина, поминаа низ низа централни улици, каде што беа пречекани и поздравени од граѓаните и случајните минувачи, а на ист начин си заминаа денеска.

Во текот на вечерта тракторите останаа паркирани на плоштадот Синтагма пред Парламентот, откако претходно, протестот заврши мирно, а свои обраќања имаа земјоделци од различни делови на земјата, пренесувајќи ги нивните ставови и барања поврзани со примарниот сектор.

Дел од земјоделците, кои од различни делови на Грција пристигнаа во грчката метропола, во разговор со дописничката на МИА од Атина, изразија задоволство од протестот, велат дека продолжуваат сo нивните активности, но не со блокади, туку со мобилизации на локално ниво со една и единствена цел – да се решат нивните проблеми.

– Вчерашниот протест беше динамичен и им благодариме на граѓаните на Атина за поддршката. Паралелно ги поздравуваме сите колеги земјоделци, кои дојдоа со трактори и автобуси, како и со автомобили од секој крај на земјата за да учествуваат на овој протест кој ѝ даде јасен сигнал на Владата и испрати порака дека продолжуваме со борбата, дека нашите проблеми се зголемени и дека се потребни политички решенија. Владата има пари, но нема волја да ги реши проблемите. Тоа се покажа и за време на протестите и блокадите, но ние ќе продолжиме, верувајќи дека со силата на борбата и со поддршката од народот на крајот ќе успееме и ќе бидат исполнети дел од барањата, посочи за МИА претседателот на Федерацијата на земјоделски здруженија од Лариса, Ризос Марудас.
Taa dодаде дека во следниот период Комитет на блокадите од цела Грција ќе одржи состанок за да се одредат другите активности, но и дека размислуваат за присуство на саемот „Агротика“ во Солун.

Заедно со земјоделците, во Атина беа и сточарите со цел да го истакнат нивниот проблем со сипаниците кај овците и козите, особено со оглед на тоа што беше неопходно да се убие голем дел од живината.
За време на дводневните активности во Атина, со траект пристигнаа земјоделци од островот Крит, со автобуси и автомобили од северна и централна Грција, како и од Пелопонез.
Тракторите, околу 50 на број, дојдоа од централна Грција, од градовите Кардица, Трикала и Лариса, како и од Евија, односно од местата што се во близина на Атина.

До патарините на влезот во Атина транспортот беше со камиони, од таму тракторите во конвој со придружба на полицијата стигнаа во центарот на градот, а на ист начин и денеска си заминаа.
Сличен протест земјоделците одржаа и во 2024 година, кон крајот на февруари кога со над 150 трактори пристигнаа во Атина, во текот на ноќта останаа пред Парламентот и си заминаа следниот ден.

Земјоделците, кои вкупно 55 дена, во декември и јануари беа на патиштата и граничните премини со поставени блокади, а минатиот месец се сретнаа со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, преку протестот сакаа уште еднаш да ги истакнат нивните барања, за кои сметаат дека не се решени.






