(ВИДЕО) Ковачевски присуствуваше на минирање на автопатот Прилеп – Битола, дел од Коридорот 10-д
Премиерот Димитар Ковачевски денеска присуствуваше на минирање на автопатот Прилеп – Битола. На настанот присуствуваа министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, вршителот на должност амбасадор на САД во Република Северна Македонија, Ерик Мејер, како и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми, и оперативниот директор на „Бехтел“, Џош Бејкер.
„Со изведбата на овој патен правец ќе добиеме најмодерно автопатско решение во должина од 40 километри и со тоа практично ќе биде заокружена една голема градежна инфраструктурна офанзива во однос на нови, модерни автопатишта во нашата држава. Како што знае јавноста, знаат граѓаните, во полн ек се изведуваат градежните работи на патните правци Градско – Прилеп каде што пред само неколку дена имавме можност да го видиме пробивањето и на вториот тунел на Фаришка Клисура. Исто така, се одвиваат работите и на патниот правец кој води кон Фаришка Клисура, што значи дека со завршувањето на сите овие патни правци ќе имаме комплетно автопатско решение од Коридорот 10, исклучување кон Прилеп, Битола и патот кон Меџитлија кон грчка граница“, истакна премиерот Ковачевски.
„Ние докажавме дека тоа што го зборуваме и го правиме. Ние не сме Влада која прави стиропори, која прави жални врби во река Вардар, туку сме Влада која инвестира во капитални проекти кои ќе останат за генерации наши граѓани да можат да имаат подобра патна инфраструктура. Сите овие градежни работи претставуваат најголема инфраструктура и патна инвестиција во нашата држава. Се работи за инвестиција само на Коридорот 8 и 10-д од 1,3 милијарди евра, меѓутоа и другите патни правци кои го поврзуваат. На пример, овој патен правец имаат исклучително висока вредност, може да зборуваме за капитални инвестиции од над 2 милијарди евра во модерна патна инфраструктура“, рече премиерот Ковачевски.
Бочварски истакна дека градежните активности на терен добиваат своја динамика.
„Денеска ова минирање подразбира дел од вкупниот процес за изградба на оваа патна врска меѓу Прилеп и Битола и сакам веднаш да потенцирам дека активностите се реализираат и побрзо од очекувањето и планираната динамика. Тоа е така затоа што имаме реномиран и искусен изведувач, затоа што сите институции што сме инволвирани во изградбата на автопатските делници на Коридор 8 и 10-д покажуваме подготвеност да одговориме брзо и ефикасно на сите постапки и процедури за реализација на овој крупен проект. На граѓаните од Прилеп, Битола, Могила, Новаци, Ресен им е потребен овој автопат. Да го тргнеме настрана скептицизмот, на Пелагонискиот Регион му треба нов автопат, нови инвестиции, а изградбата на овој автопат е одговор на сите барања на граѓаните од овој регион“, потенцираше министерот Бочварски.
Мејер, пак, рече дека „Регионалното поврзување и добрата инфраструктура се исклучително важни. Тие се една од нашите цели и знам дека се цел и на Владата на Северна Македонија. Во овој конкретен дел, поврзувањето на градовите Битола и Прилеп со модерен и безбеден автопат е исклучително важно. Подобрувањето на патната инфраструктура во Северна Македонија е, исто така, клучно за економскиот развој. Модерната патна мрежа не само што ќе ја подобри поврзаноста, не само што ќе овозможи движење на луѓето и економијата, туку и ќе привлече инвестиции во Северна Македонија. Овие регионални интеграциски напори ќе ги зајакнат релациите меѓу соседите. Успешната имплементација на овие проекти носи бенефити не само за Северна Македонија, туку и ќе се креираат работни места“.