ВИДЕО: На приведениот дилер на марихуана, кокаин и хероин, ќе му се конфискува имот од 600.000 евра

Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материјали, заедно со СВР Скопје – Единица за недозволена трговија со дрога, САЕ Тигар и Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал по насока на јавен обвинител од ОЈО Скопје, спровеле акција од септември 2023 до јануари 2024 година за едно лице од Скопје, кое претходно било осудено и издржало казна затвор од 15 години за продажба на дрога.

Во текот на истрагата биле обезбедени материјални докази со кои утврдено е дека осомничениот 45-годишник набавувал кокаин, хероин и марихуана и потоа ги препакувал и ги препродавал. Кокаинот го продавал по цена од 3.000 денари за пакување, од 600 до 1000 денари за пакување хероин и 600 денари за пакување марихуана. Во истрагата било утврдено дека продавал дрога на поголем број лица.

„На 14 јануари, во координација со САЕ Тигар, во населбата Гази Баба во Скопје извршени се претреси на три локации. При претресите се пронајдени кокаин, три дигитални ваги и други предмети, а во деловниот објект се пронајдени 21 компјутери со монитори и гејмерска опрема, разновидна компјутерска опрема вредна околу 120.000 евра, за кои постои сомнение дека се купени од парите од продажба на дрога“,се вели во соопштението на Обвинителството.

Утре Основното јавно обвинителство ќе донесе Наредба за спроведување истражна постапка против осомничениот за кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги психотропни супстанции и прекурсори од член 215 од Кривичниот законик, а до Основниот кривичен суд ќе биде доставен предлог за определување мерка притвор за осомничениот.

Во текот на постапката, против осомничениот ќе биде спроведена и финансиска истрага. Доколку се потврдат сомненијата дека пронајдената опрема, превозни средства и недвижниот имот се стекнати со финансиски средства остварени со продажба на наркотична дрога, Јавното обвинителство ќе поведе постапка за конфискација, во согласност со законските одредби.

Back to top button
Close