(ВИДЕО) Огненоски: Статистички сме петти по раст на БДП, но во апсолутен износ тоа е меѓу најмалите во Европа

Бонитетот претставува едно олицетворение на статусот и на кредибилитетот, но и на состојбата на една компанија во каква финансиска состојба се наоѓа, каква општествена улога игра во самата околина, но и се зема предвид морето во коешто плива, односно во каква дејност функционира и ја обавува својата работа. Така што, во кратки зборови, ако крвната слика ни кажува какво е нашето здравје, бонитетниот извештај кажува какво е здравјето, финансиската состојба на една компанија“, изјави во „Трилинг“ Огнен Огненоски, извршен директор на Таргет груп Бизнис мрежа.

Фото: Трилинг / Огнен Огненоски

Огненоски смета дека идејата беше капитал до пред неколку декади и е уверен дека идејата повеќе не е капитал во едно општество.

„Идејата е еден никулец од каде што треба да се развива било кој бизнис, но многу други вештини и способности се пред се важни. Самата наша мрежа на опкружување прави да сме тоа коишто сме. Стотици и илјадници идеи имаме сите како индивидуи, но реализацијата е таа која што е главна и пресудна за една идеја да види бел ден.

-Така што идејата во новото време, според мене, е една од најмалку важните работи, бидејќи во изобилие ги имаме сите, но организациските способности, способностите за реализација и за испловување на таа идеја на површина, се оние клучни за бизнисот да биде успешен.“, додава Огненоски.

Фото: Трилинг / Огнен Огненоски

За тоа колку владините проекции дека сме петта земја по раст на БДП се издржани и се базираат исклучиво на статистички податоци, а не врз паушални, шпекулативни податоци, Огненоски вели дека точни се податоците, но и дека има повеќе нивоа на интерпретација на одредени информации.

„Важно е оние коишто ги даваат во оптек податоците, да ја имаат целата перспектива и целата димензија за читателот или оној кој ги гледа да може да ги разбере. Ако јас имам 100.000 евра приходи и мојот конкурент има милион евра приходи, растот од 3% кај мене и него не е еднаков во апсолутна вредност. Јас би пораснал 30.000 евра, он би пораснал 300.000 евра. Така и со македонската држава. Нашето ниво на развој е доста пониско во однос на европскиот развој. Така што од нас се очекува да растеме многу побрзо во просек од европската економија. Но за жал тој апсолутен раст е многу помал во однос на европските вредности на просек.

-3%, 3.5% просечен раст на нашата економија би требало да се повторува триесетина години за да стигнеме некаква европска средина. Европа доколку порасне 1%, ние треба да пораснеме многу повеќекратно повеќе од тој 1% европски просек, за да може да кажеме дека го стигнуваме тој европски просек. Инаку точна е констатацијата – петта земја по ред со статистички најголем раст, но тој раст во апсолутен износ е за жал еден од помалите во Европа“, вели Огненоски.

Фото: Трилинг / Огнен Огненоски

Прашан дали ова значи дека не можеме да се пофалиме со доволно многу да се пофалиме, туку сепак станува збор за своевидна мала стагнација, Огненоски вели дека не се работи за стагнација, бидејќи сите критериуми укажуваат на раст, но сето ова е споро.

„Кога имате над 0.1% раст тоа е раст. Дали тој раст е доволен, одговорот ќе го најдеме во брзината на темпото со која ја трчаме нашата патека. Ако нашата патека е да го стигнеме европскиот просек за 20 години, ова е споро. Ако нашата цел и нашата визија, како и секоја компанија која што има две основни цели – визија и мисија за да ги постигне целите, ако нашата државна стратегија и визија е да го стигнеме европскиот просек за 20 години, стратегијата којашто ја имаме избрано со 3-3.5% раст, па макар и 5% раст, нема да не однесе до таа цел.

-Јас лично сметам дека 7 плус проценти се доволни за да имаме некакво видливо придвижување за обичниот граѓанин, за граѓанинот кој што ја создава таа бруто домашна вредност во државата. Според мене просекот од 5-6% не е видлив во секојдневието, бидејќи граѓанинот ефектот ќе го види после 4-5 години со раст барем минимум од 7% БДП“, вели Огненоски.

Фото: Трилинг / Огнен Огненоски

Осврнувајќи се на податокот дека 100 компании генерираат скоро 40% од приходите, или над 15 милијарди евра, а 500 компании дури 60% или 24 милијарди евра, и дали ова е силна конкуренција или слабост за македонската, Огненоски вели:

„Не би рекол дека е слабост, а дека е силна концентрација е, но паритетот 80:20 не постои само кај нас во Македонија. Ако се земат најсилните, најуспешните компании од Европа, од САД, повторно ќе видиме дека 20% од компаниите го носат 80% од капиталот, односно од приходите во самите економии. Така што не треба да не чуди тоа дека најголемите приходи доаѓаат од топ 10-20% од компаниите кај нас. Едноставно тоа е паритет и не можеме да избегаме од таа сила која што е природна. Можеме да влијаеме на неа со бустирање, односно со развој на старт ап заедницата, со развој на останати компании, но многу тешко можеме да го смениме тој паритет од 80:20“, вели Огненоски.

Фото: Трилинг / Огнен Огненоски

Говорејќи околу тоа кои индустрии денес даваат движечка сила, односно го водат економскиот раст, а кои сектори полека се губат, Огненоски вели дека сите компании коишто обавуваат дејност дигитално, се оние коишто ги предводат индустриите, дејностите.

„IT секторот како пример е еден од оние коишто благодарение на растот во последните 4-5 години, којшто изнесуваше некаде околу 60% раст на дејноста во однос на приходите од 2022 до 2025 е еден од најбрзорастечките дејности. Енергетиката исто така. Градежништвото е исто така дејност којашто успева да порасне двоцифрено во последните 3-4 години.

-Колку повеќе луѓе има во IT секторот, толку растат повеќе приходите. Тоа не е случај и со дејноста градежништво. Градежништвото во Македонија бележи стагнација или пад на бројот на вработени. За 10% помал број на вработени има во последните 4-5 години. Имаме повторно раст на приходите од околу 10% во однос на последните неколку години, а од друга страна имаме за 80% зголемена профитна маржа, што значи дека продуктивноста по вработен во дејноста градежништво е многу зголемена, додека во IT секторот е намалена, бидејќи притисокот на платите во овој сектор многу влијае врз продуктивноста, ефикасноста на генерирање на профит на овие компании“, вели Огненоски.

Фото: Трилинг / Огнен Огненоски

Околу задолженоста на државата, и колку денеска таа претставува проблем, Огненоски смета дека таа е една од клучните една компанија да биде ликвидна.

„Бидејќи што значи задолженост? Задолженост значи доколку ние реализираме одреден проект, фактурираме одредена компанија или државата, доколку таа фактура не ни биде навремено платена, велиме дека ние не сме ликвидни. Ние имаме прикажано приход на страната на приходи, но немаме наплата. Апсолутно сме во ликвидносен ризик. Така што ако државата е се поголем работодавач, односно капиталните проекти одат се повеќе и повеќе преку државата, а паралелно не се развива приватниот сектор, тогаш влегуваме во таа замка, како круг на ликвидносен ризик помеѓу владата и приватниот сектор. Ниту владата, ниту приватниот сектор се криви за таа ситуација. Едноставно мора паралелно двете структури да се развиваат со иста брзина за да не дојде одреден сектор да е поразвиен. Еве ќе ја земам Вештачката интелигенција за пример – колку побрзо се имплементира во приватниот сектор, со таква брзина треба да се имплементира и во владините институции, бидејќи доколку не се имплементира тие институции ќе бидат многу помалку продуктивни и едноставно нема да можат да го опслужат пазарот во којшто функционираат нивните компании“, вели Огненоски.

Прашан кои компании даваат плата од 1.000 евра па нагоре, Огненоски вели дека неодамна имаат направено анализа, а идејата била да се издвојат просеците на сите компании кои што во просек исплатуваат над 60.000 денари просечна плата.

„Такви компании во Македонија има се повеќе и повеќе. Моментално се 1.600 компании коишто исплаќаат плати над 1.000 евра и имаме раст од некаде околу 25% во однос на 2024 година. Сите овие компании вработуваат 39.000 луѓе“, вели Огненоски.

Целото интервју погледнете го во видеото.

.

 

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close