(ВИДЕО) По 204 часа од земјотресот спасувачите извлекоа пет преживеани од урнатините

Најмалку пет лица се спасени денеска од урнатините на областите погодени од земјотресот во Турција, објавија локалните медиуми. Спасувањето е осум дена по најтешкиот земјотрес во модерната историја на земјата, кој според досегашните информации однесе повеќе од 37 000 животи во Турција и во соседните Сирија.

„Две лица се извлечени од урнатините во јужниот град Хатај околу 204 часа по земјотресот што ја погоди југоисточна Турција и делови од северозападна Сирија. Едното лице е жена по име Муна, странска државјанка, која е извлечена жива од урнатините во Хатај“, објавија турските медиуми.

Претходно денеска, осумнаесетгодишниот Мухамед Кафер беше спасен од урнатините на зграда во јужна Турција 198 часа по земјотресот, објави Си-ен-ен турк.

Во турската провинција Адијаман, телевизијата покажа дека спасувачите го носат Кафер врзан за носилки со маска за кислород на лицето, додека до него бил здравствен работник.

Кафер мрдаше со прстите додека го носеа до Брзата помош. Претходно, спасувачите спасија двајца браќа од урнатините на станбен блок во соседната провинција Кахраманмарас.

Државната новинска агенција Анадолија наведува дека станува збор за седумнаесетгодишниот Мухамед Енес Јенинар и неговиот дваесе и едногодишен брат Баки Јенинар. Тие се хоспитализирани, а не се знае каква е нивната состојба.

Неколку часа претходно агенцијата Анадолија, објави дека и дваесет и шестгодишна девојка е извлечена од под урнатините во Хатај.

Вкупниот број на загинати во Сирија, разрушена од граѓанска војна, достигна 5 714, вклучувајќи ги и оние што загинаа во бунтовничката енклава и оние во областите под контрола на владата. Тоа е шестата најсмртоносна природна катастрофа овој век, зад земјотресот во 2005 година во кој загинаа најмалку 73 000 луѓе во Пакистан.

Десетици жители и припадниците на службите за итни случаи во изјава за Ројтерс се пожалија на недостиг од вода, храна, лекови, вреќи за телата и кранови во зоната на катастрофата во првите денови по земјотресот, а многумина ја критикуваа бавната реакција на турската Управа за катастрофи и вонредни состојби (АФАД).

Back to top button
Close