ВИДЕО ПРЕМИЕРА | „Политиканти“ на „Слободен печат“, гостин Павле Воскопулос: Во време на електронска револуција, ќе се појават други идентитети

Павле Воскопулос, човекот кој триесет години се бори за македонскиот идентитет во една прилично нелагодна атмосфера, е денешен гостин во подкастот „Политиканти“. Воскопулос заедно со неколкумина свои пријатели во 1994 година, на северот од Грција, во Лерин, го создаваат движењето, а потоа и политичката партија „Виножито“, па годинава бележат 30 години од основањето.

Борјан Јовановски и Сашо Орданоски со Воскопулос поразговараа за тоа како дојде до основање на „Виножито“ и за признавањето на македонскиот идентитет во Грција – како беше пред 30 години и како е денес. Колкава беше улогата на евро-парламентарна група на пратеници од малцинства и народи без држави „Рејнбоу“ во основањето на истоимената партија на Македонците во Грција? Како помина партијата на изборите? Како се фалсификуваа гласовите за Виножито и какви беа грчките критериуми за признавање малцинство? Зошто за Грција јужна Албанија е Северен Епир, а Северна Грција е Македонија?

На Македонија и македонизмот не му треба ни антика ни славјанство оти има три клучни вредности, вели Павле Воскопулос.

– Македонците единствени на Балканот сакале независна држава одвоена од црквата, да биде република и да биде социјалистичка. Затоа сум јас Македонец, – додава тој

За национализмот во Грција Воскопулос вели дека е хранет од дамнешна историја создавајќи кај Грците комплекс на супериорност, но сегашноста и младите преиспитуваат – каква е таа супериорност ако економијата назадува?

Колку образованието ги разгоре национализмите на Балканот? Воскопулос вели дека македонската национална идеологија е лек за националните илузии на соседните национализми. Притоа, каква е улогата и значењето на Преспанскиот договор?

За ова и многу повеќе во новото издание на подкастот „Политиканти.мк“ на „Слободен печат“.

 

Back to top button
Close