(Видео) Приведени 12 лица кои тргувале со дрога и оружје, меѓу нив и полициски службеник

Голема полициска акција се спроведe рано изутрината во Сингелиќ и на други локации, за апсење на лица вмешани во трговија со дрога и оружје, при што беа приведени 12 лица.

Од Министерството за внатрешни работи велат дека во акцијата биле вклучени Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал во координација со Одделот за специјални полициски операции, под раководство на надлежен Јавен обвинител од ОЈО за Гонење на организиран криминал и корупција, кои по повеќемесечно криминалистичко истражување спроведе координирана полициска акција со цел сузбивање на повеќечлена организирана криминална група составена од лица од Скопје.

Членовите на оваа организирана криминална група подолг временски период биле инволвирани во вршење на кривични дела „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“, предвидено и казниво по член 215 и „Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи”, предвидено и казниво по член 396 од Кривичниот законик. Во текот на истрагата во неколку различни случаи документирани се продажби на наркотична дрога и оружје.

– На 28.07.2021, постапувајќи по Наредби за претреси во дом и други простории издадени од Судија за претходна постапка, извршени се претреси на вкупно 20 локации, при што од слобода се лишени и во полициски станици се приведени лицата Б.А.(22), Б.А.(19), М.А.(47), Б.А.(23), С.Ј.(22), Е.Б.(27), З.М.(33), Љ.А.(30), Ш.А.(35), Р.А.(33) (полициски службеник), А.А.(26) и Е.С.(24), сите од Скопје, а се трага по уште три лица кои биле дел од групата. При лишувањето од слобода и при извршените претреси, на повеќе локации се пронајдени и одземени наркотична дрога, муниција, два пиштола, патнички моторни возила, од кои едно блиндирано, поголема сума на девизни и денарски парични средства, мобилни телефони, компјутерска опрема. Лицата со соодветна кривична пријава ќе бидат предадени на надлежното јавно обвинителство – се вели во соопштението на МВР.

Од Основното јавно обинителство ја потврдија денешната акција која беше под раководство на надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Според прибраните и документирани докази во текот на истражувањето е утврдено дека групата е формирана со цел стекнување на противправна имотна корист, има строго утврдена хиерархија и структура и се занимава со продажба на наркотична дрога и оружје.

– Членовите на групата подолг временски период извршуваат кривични дела „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори“ од член 215 и „Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи” предвидено и казниво по член 396 од Кривичниот законик. Во текот на денешната акција постапувајќи по Наредби за претреси во дом и други простории издадени од Судија за претходна постапка, извршени се претреси на вкупно 20 локации во Скопје и притоа се одземени материјални докази што ќе бидат испратени на вештачење. Од слобода се лишени 12 лица од 19 до 47 години меѓу кои и една жена и еден полициски службеник, а се трага по три лица кои во моментов се недостапни за органите на прогонот – се вели во соопштението од ОЈО.

Надлежниот јавен обвинител по добиената кривична пријава ќе донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против лицата. Воедно ценејќи дека се исполнети условите за одредување на мерката притвор, ќе му предложи на Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје истата да ја определи за сите осомничени лица.​

Back to top button
Close