(ВИДЕО) Ранѓеловиќ, аналитичар: Вчерашната изјава на Силјановска дека ке го почитува Преспанскиот договор за симпатизерите е разочарувачка оти во кампањата ветуваше друго.

ВМРО-ДПМНЕ оствари убедлива победа на изборите и нема потреба да ги повторува грешките на партијата на СДСМ, која поради помалиот број на пратеници беше зависна од поддршката којашто ѝ ја даваше ДУИ, вели аналитичарот Иво Ранѓеловиќ.

Во утринската програма на Слободен печат, тој посочи дека електоратот недвосмислено покажа на последните претседателски и парламентарни избори дека сака промена, а именувањето на Африм Гаши за претседател на Собранието, секако дека не е добра симболика која раководството на ВМРО-ДПМНЕ им ја испраќа на своите гласачи.

– Она што сум малку зачуден е искрено таа комфорна победа на ВМРО-ДПМНЕ, која му овозможи тоа да не го прави, вие немате потреба да ставате претседател на Собрание да биде од албанска партија, односно да покажете пред народот дека за сè ова што падна претходната власт вие нема да го повторите – вели Ранѓеловиќ.

Тој смета дека и многу разочарувачка за симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ беше вчерашната изјава на претседателката Гордана Силјановска – Давкова, која по она првобитно инсистирање во давањето заклетва на употребата на Македонија без Северна, порача дека Преспанскиот договор е реалност и таа има намера да го почитува.

– ВМРО-ДПМНЕ во кампањата собираше гласови со тезата дека Преспанскиот договор е лош и дека тие низ одредени постапки ќе се обидат да го подобрат, што е легитимна позиција. Но, сега испадна дека тие немаат намера со тоа да се занимаваат – вели Ранѓеловиќ.

За коалицијата ВРЕДИ/ВЛЕН, Ранѓеловиќ смета дека нема голем капацитет, најмногу поради фактот дека се работи за коалиција, предводена од неколку јаки лидери.

– Вреди е коалиција од неколку партии, кои се предводени од неколку лидери кои покажуваат голема суета, тоа сметам дека може да биде проблем во иднина – предвидува тој.

Затоа и коалицијата со ЗНАМ, за ВМРО-ДПМНЕ е логично решение бидејќи во случај на турбуленции кај коалицијата ВРЕДИ/ВЛЕН, ќе се задржи стабилнмо парламентарно мнозинство.

– ЗНАМ презеде голем ризик со тоа што влезе во владата. Оваа нова партија зазема лево-центристичка позиција на помилитчката мапа, но харизмата на лидерот (Максим Димитриевски) ѝ дава и анти-естаблишменска позиција. Затоа ќе биде многу ризично за нив како ќе се постават во новата влада – вели аналитичарот.

Според Ранѓеловиќ, единствени вистински победници на изборите се ЗНАМ и Левица, а вторите се во многу комотна ситуација низ активностите во парламентот дополнително да ја поправат својата позиција меѓу електоратот.

За СДСМ според него е резервирана улогата на најголем губитник на изборите, а тој стравува и дека во иднина тешко ќе биде оправена состојбата во таа партија, особено поради предвидувањето дека новиот лидер ќе мора да биде свесен дека во најмалку двата наредни изборини процеси ќе биде соочен со порази.

Ранѓеловиќ, пак, е оптимист за ДУИ, партија која по долги години се најде во опозиција, но која е во комотна состојба да ја чека секоја грешка на ВРЕДИ/ВЛЕН.

Back to top button
Close