(ВИДЕО) Се зголемува бројот на загинати во разорниот земјотрес во Колумбија. Најмалку 132 жртви

Strong #Earthquake in Pereira 🇨🇴 — footage from the airport shows just how intense and prolonged the shaking was. 😟✈️#Pereira #Airport #Colombia #Temblor #EarthquakeAftermath pic.twitter.com/9SMPytXwTU
— Mahrosh Pervaiz (@MahroshPervaiz1) August 10, 2026
Според Националниот геолошки институт, земјотрес со јачина од 7,4 степени според Рихтеровата скала е регистриран во понеделникот во 7:34 часот по локално време на длабочина од 103 километри во провинцијата Чоко. Потреси беа почувствувани низ широка област на западна Колумбија. Повеќето од загинатите се регистрирани во градот Переира, кој се наоѓа во познат регион за одгледување кафе, а жртви има и во околните градови и во регионот Вале дел Каука. Колумбиската асоцијација на главни градови објави дека повеќе од 480 луѓе се повредени.
Градот Переира, кој се наоѓа на околу 55 километри од епицентарот, претрпе големи штети. Снимката од главниот градски плоштад, Плаза Боливар, чија автентичност е потврдена од Би-Би-Си, покажува дека најмалку една зграда се урива.
Плоштадот на кој имаше голем број луѓе беше покриен со прашина и материјални остатоци. Локалните власти потврдија најмалку 40 смртни случаи во поширокото градско подрачје, каде што се урнаа 65 згради. Спасувачите претпоставуваат дека се уште има луѓе заробени во 15 урнати згради.
Полициски час е воведен во делови од градот до 5 часот наутро во вторник. Во Кали, град на околу 200 километри од епицентарот, се урнаа 32 згради.
Смртни случаи беа пријавени и во Манизалес, Кибдо и Меделин. Најмалку две лица загинаа во Манизалес. Анџелика Авила, гостинка во еден од хотелите, ја опишала ситуацијата за Светскиот сервис на Би-Би-Си. „Сите врескаа. Видов прашина како излегува од соседните згради и тули како паѓаа од ѕидовите“, рече таа.
Ден Катлер, 29-годишник од Лондон кој патува низ Колумбија со својата партнерка, во моментот на земјотресот бил во Кали. „Никогаш не сум доживеал такво нешто. Истрчавме надвор во пижами“, изјави тој за Би-Би-Си. „Нема големи структурни оштетувања на хотелот, но на ѕидовите се појавија пукнатини, а бојата и малтерот паднаа“, додаде тој.
Новинарот и метеоролог Луис Фелипе Молина бил во својот дом во Манизалес, на околу 150 километри од епицентарот. Тој објасни дека градот има многу строги градежни правила отпорни на земјотреси, поради што неговата зграда издржала тресење. „Имам 450 книги, а само неколку останаа на полиците. Можеше да се слушне кршење на стакло и луѓе како врескаат“, изјави тој за BBC Mundo. „Тоа беше ужасно искуство.
Државната управа за воздухопловство потврди штета на регионалните аеродроми во Переира, Манизалес, Кибдо, Ерменија, Картаго и Буенавентура.
Во главниот град Богота потресите тресеа дрвја и семафори. Во некои згради имало пукнатини, но нема информации за поголеми оштетувања на инфраструктурата. Земјотресот е почувствуван и во соседните земји: Венецуела, Еквадор и Панама.
Колумбискиот претседател Абелардо де ла Есприела, кој ја презеде функцијата минатиот петок, прогласи состојба на национална катастрофа. Таа одлука му дава посебни овластувања за управување со кризата, вклучително и прераспределба на буџетот. Претседателот потврди дека се оштетени повеќе од 1.500 домови.
Светските лидери и понудија помош на Колумбија. Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека САД ја следат ситуацијата и се подготвени да помогнат. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен изјави дека во спасувачките операции бил вклучен сателитски систем Коперник.
Салвадорскиот претседател Најиб Букеле изрази солидарност со колумбискиот народ и понуди спасувачки тимови и опрема.
Геолошкиот институт на Соединетите држави (USGS) проценува дека околу 1,5 милиони луѓе почувствувале тресење со интензитет близу седум степени. USGS објаснува дека длабоките земјотреси, како што е овој, генерално се помалку опасни од поплитките. Сепак, нивната енергија може да предизвика оштетување на зградите, а може да бидат проследени и со поретки, но посилни последователни потреси.






