(ВИДЕО) Внимание: За граѓаните најзначајни споменици на културата во Скопје се Калето, Старата чаршија, Камениот мост, Даут пашин амам, Аквадуктот, Скупи и ГТЦ

На светскиот ден на културното наследство екипата на „Внимание“ ги прашува граѓаните – Кои се најзначајни споменици на културата во Скопје, во Македонија, и кое е најважно културно наследство во светот?

Најчесто споменувани одговори од анкетираните граѓани за споменици на културата во Скопје се : Калето, Старата чаршија, Камениот мост, Даут пашин амам, но граѓаните ги спомнуваат и Аквадуктот, Скупи, Старата железничка станица, ГТЦ, црквата Свети Спас, манастирот Свети Пантелејмон во Нерези, па и поновите споменици кои не се дел од културното наследство.

Како најважни во Македонија граѓаните ги спомнаа Стоби, Самуиловата тврдина, Хераклеја, Канео, манастирот Свети Наум, Плаошник, Кокино, гробот на Тоше Проески и спомен куќата, Марковите кули, Македониумот во Крушево.

Најважно културно наследство во светот за граѓаните е пред се јазикот, па пирамидите во Египет, Колосеумот, Статуата на слободата, Кинескиот ѕид, Ајфеловата кула, Кривата кула во Пиза, Мона Лиза, шумата Амазон, споменикот на Исус во Рио де Жанеиро.

Граѓаните даваат интересни одговори и на прашањата „Кога сте посетиле некој споменик на културата?“ и „Кога последен пат сте биле во музеј?“

Некои одат редовно во музеј, а некои биле од пред неколку години. Како последни посетени музеи ги спомнаа Археолошки музеј, Музејот на македонската борба, Музејот на современа уметност, а од странство, посета на музеи во Прага, Белград и други.

Како последни посетени споменици на културата граѓаните ги посочуваат: Аквадуктот, манастири и цркви, Стоби, а од странство Аја Софија во Истанбул, Капали чаршија, Колосеумот во Рим и други.

Анкетата „Внимание, внимание – зборуваат граѓаните“, се емитува на каналите на „Трн“ (на Фејсбук, YouTube, и на Инстаграм) и нејзината цел е да се чуе гласот на граѓаните, посебно на младите.

Back to top button
Close