(ВИДЕО) Запалено градското собрание во градот Бордо на синоќешните протести во Франција

Според извештаите на француското МВР, на вчерашните протести ширум земјата излегле над еден милион луѓе, а поради немирите низ целата земја биле уапсени 80 лица. Синдикатите повикаа на масовни протести следниот вторник – денот кога во посета на Франција ќе биде британскиот крал Чарлс Трети

Градското собрание во југозападниот француски град Бордо синоќа беше запалено од страна на демонстрантите кои излегоа на деветтиот по ред масовен протест од почетокот на годината откако францускиот претседател Емануел Макрон најави воведување на пензиската реформа.

 

По целодневните протести, демонстрантите го запалиле влезот на градското собрание во Бордо.

 

Пожарот, за чие предизвикување засега не се знае кој е одговорен, бил брзо изгаснат од пожарникарите.

 

 

Според извештаите на француското Министерство за внатрешни работи, на вчерашните протести ширум земјата излегле над еден милион луѓе, од кои 119 000 во Париз. Полицијата употребила солзавец кон демонстрантите во главниот град, а 80 лица биле уапсени низ целата земја.

 

Расте гневот во Франција поради пензиската реформа: Блокади на аеродромот „Шарл де Гол“ и железницата во Париз

 

Синдикатите повикаа на масовни протести следниот вторник, што ќе се совпадне со државната посета на британскиот монарх Чарлс Трети на Франција. Францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманин се обиде да смири загриженоста велејќи дека на денот на посетата на монархот безбедноста во земјата нема да претставува никаков проблем и дека тој ќе биде добро пречекан.

 

Синдикатите и политичката левица го оценија вчерашниот ден за успешен, додека власта се надева дека протестите ќе изгубат на интензитет.

Немирите во Франција уследија откако француската влада ја искористи својата специјалната уставна моќ за да го усвои законот за пензиска реформа без гласање во парламентот.

Законското решение предвидува зголемување на старосната граница за пензионирање од 62 на 64 години.

За францускиот претседател Емануел Макрон, ваквата реформа е неопходна.

 

Back to top button
Close