(ВИДЕО) Зеленски со критики кон европските лидери: Европа мора да стане понезависна од Вашингтон

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги предупреди европските лидери дека Доналд Трамп ќе ги игнорира доколку континентот не се грижи повеќе за сопствената одбрана. Зеленски инсистираше на тоа дека Европа мора да стане понезависна од Вашингтон бидејќи не постои гаранција дека неговиот американски колега е посветен на НАТО алијансата.

„Дали претседателот Трамп воопшто ќе ја забележи Европа? Дали тој го гледа НАТО како неопходност? И дали ќе ги почитува институциите на ЕУ? праша Зеленски во говорот на Светскиот економски форум во Давос.

Зеленски го опиша својот остар говор како повик за будење до европските лидери, вклучително и оние во Британија и Франција. Зеленски тврди дека Европа мора да стори повеќе за да докаже дека може да застане на свои нозе и да биде „силен глобален“ играч и „незаменлив“ на светската сцена.

„Поголемиот дел од светот сега размислува што ќе се случи со нашите односи со Америка, што ќе се случи со сојузите, трговијата? Како претседателот Трамп сака да ја заврши војната? Но, никој не ги поставува овие прашања за Европа“, рече тој.

„Кога ние во Европа гледаме на САД како наш сојузник, јасно е дека тие се незаменлив сојузник. Во време на војна, сите се прашуваат дали САД ќе застанат покрај нив… Но, дали Американците се прашуваат дали Европа еден ден ќе се откаже од нив или ќе престане да биде нивни сојузник? Одговорот е „не““, додаде тој.

„Европа не може да си дозволи да биде втора или трета по ред пред своите сојузници. Ако тоа се случи, светот ќе почне да се движи без Европа, а тоа би бил свет што не би бил пријатен или корисен за сите Европејци“, рече тој на собирот во Давос.

„Европа мора да се наметне како силен, глобален играч, како незаменлив играч. Да не заборавиме дека не постои океан што ги дели европските земји од Русија, а европските лидери треба да запомнат дека овие битки во кои учествуваат севернокорејски војници сега се одвиваат на места географски поблиску до Давос отколку до Пјонгјанг“, вели Зеленски.

Украинскиот претседател предупреди дека не е јасно дали Европа воопшто ќе биде поканета да учествува во мировните преговори меѓу САД, Русија и Кина за да се стави крај на војната во неговата земја.

„Дали претседателот Трамп ќе ја слуша Европа или ќе преговара со Русија и Кина без Европа? Европа мора да научи целосно да се грижи за себе, за светот да не може да ја игнорира“, рече Зеленски.

Украинскиот претседател рече дека неговата земја е подготвена да работи со своите европски сојузници за зајакнување на одбраната на континентот, вклучително и создавање „железна купола“ што би можела да ги одбие руските ракети.

„Ако се потребни 5 отсто од БДП за да се покрие одбраната, нека биде така“, додаде тој, поддржувајќи ги барањата на Трамп за зголемени трошоци за одбраната

Back to top button
Close