„Виорот на Анадолија“ – Концерт на турска џез музика со Анил Шалиел и Марееџхи Асу во Скопје
Концерт на турска џез музика насловен „Виорот на Анадолија“, со настап на турските музичари Анил Шалиел на саксофон и Марееџхи Асу на деф, ќе се одржи в четврток, на 5 декември во Националната опера и балет во Скопје, со почеток во 20 часот.
Концертот го организира Турскиот културен центар „Јунус Емре“ – Скопје, како заокружување на овогодишната активност, а целта е приближување на турската култура во земјава.
-Концертот „Виорот на Анадолија“ ќе биде големо финале на годината со двајца извонредни музичари од Турција. Шест месеци сме посветени на овој проект. Прва станица на овој концерт ќе биде Скопје. Џезот е западна култура, но овие извонредни музичари на прекрасен начин ќе направат убав спој со традиционална турска музика, рече на денешната прес-конференција по повод концертот директорот на Центарот, Ариф Конак.
Шалиел иако е релативно млад има многу успешна кариера, веќе настапувал со познати џез имиња од светската сцена, учествувал во речиси 2000 студиски снимања, а има и голема сопствeна продукција, односно издадени повеќе албуми. Неговиот Проект „166 Дена“ е комбинација од најдобрите аспекти на турската музика и џезот. На прес-конференцијаат тој истакна дека е многу горд на овој албум, кој предизвика голем интерес и се изучува за докторски студии на многу универзитети. Со настапот во Скопје, вели, ја почнуваат балканската концертна турнеја, која ќе опфати 11 градови низ земјите од регионов.
-Турската музика е многу стара и доаѓа од османлискиот период, џезот е понова музика за Турција. Ветуваме час и половина визуелен концерт со многу убава приказна. Користиме стари снимки од Ашик Вејсел, во нов аранжман. Ќе чуете поезија и од Јунус Емре и Мевљана. Ова нема да биде само музичка претстава, туку театарска презентација. Со нас ќе имаме многу добри изведувачи и ветуваме дека ќе бидете одушевени, порача Шалиел.
Мареечи Асу е меѓународно признат уметник и учител кој се истакнува во магичниот свет на мистичната музика и деф уметноста. Во својата уметничка кариера, учествувал во бројни албуми на мистична музика и реализирал заеднички проекти со важни уметници во својата област. За себе вели дека посочи да работи со суфи музиката, која се обидел да ја спои со рок музиката, а подоцна со Анил турската мкзика ја споиле со џезот.
-На многуте состаноци разговаравме како старата турска музика да стане модерна верзија. Музиката го прикажува нашето минато, но и сегашност. Не треба да се заборават корените. Мене музиката ми легна на срце, се надевам дека и на публиката во Скопје ќе и се допадне, рече Асу, кој не е само уметник, туку и учител кој одржува обуки за духовна свесност и лична трансформација.
На новинарско прашање дали ја следат македонската музика, Шалиел го издвои Џамбо Анѓушев и истакна дека има чувство дека овде музичарите добиваат добро музичко образование. Инаку, сака да слуша изворна музика, но ја следи и џез сцената во САД и во Велика Британија.
Во земјава, покрај во Скопје, Анил Шалиел и Марееџхи Асу ќе настапат и во Гостивар. Меѓу центрите во регионот тие ќе имаат настап и во Сараево, Тирана, Бар, и Белград.