Влада: Немаме долг кон ЈСП „Скопје“, општините неодговорно менаџираат со средствата за превоз на ученици


Воедно, ваквата состојба во којашто се наоѓа ЈСП е показател дека општините неодговорно менаџираат со средствата наменети за превоз на учениците и навремено не ги подмируваат обврските.

Ги повикуваме локалните самоуправи кои ги користат услугите на ЈСП „Скопје“ подобро да ги менаџираат своите буџети и редовно да ги подмируваат долговите кон јавното претпријатие, за да не се доведе во прашање неговото нормално функционирање во услови на економска и енергетска криза, се наведува во владиното соопштение.

Од Владата посочуваат дека согласно документацијата на Министерството за образование и наука, оваа институција редовно ги сервисира своите обврски кон сите субјекти со кои има регулирани законски надлежности или пак со кои има склучени договори по разни основи кои иницираат финансиски обврски, што не е случај и со ЈСП „Скопје“.

– Што се однесува на студентските картички за попусти, Законот за високото образование (член 27 став 6) уредува дека Владата на Република Северна Македонија може да донесе одлука за посебни погодности за студентите, како што се студентска картичка за попусти, бесплатен градски превоз и друго, при што средствата се обезбедуваат од државниот буџет. Но, во календарската година, не е донесена ваква одлука, од причина што во зимскиот семестар од студиската 2021-2022 година, студентите не посетуваа настава со физичко присуство на единиците во состав на Универзитетот Св. „Кирил и Методиј“ во Скопје, посочуваат од владината Прес-служба.

Нашата интенција како Влада, се додава во соопштението, е постојано унапредување и проширување на можностите за поддршка на студентите.

– Ова многупати досега е потврдено преку воведување на нови категории на стипендии, преку зголемување на износите на стипендиите, преку воведување на субвенциониран студентски оброк, доделување на ваучери за поддршка при студирањето и така натаму, наведуваат од Владата.

Во соопштението се посочува дека со нормализирањето на наставата со физичко присуство во Буџетот на државата за 2023 година ќе се обезбедат и средства за превоз на студенти и доколку наставата продолжи со физичко присуство, по усвојување на владина одлука, тие би биле префрлени на ЈСП.

– Во меѓувреме, заедно со ЈСП ќе ги разгледаме можностите за поддршка во делот на превозот на студентите за тековниот и преостанатите два месеци од годинава доколку наставата во истите продолжи со физичко присуство, се додава во соопштението на владината Прес-служба.

Секретарот на Град Скопје Зоран Глигоров, претходно денеска соопшти дека „Владата, односно Министерството за образование и наука има долг кон ЈСП“ од 120 милиони денари или околу два милиони евра за бесплатниот превоз на ученици и студентите, а дополнително уште неколку скопски општини му должат на претпријатието околу 40 милиони денари.

Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, пак, оцени дека станува збор за сериозен долг и мајави дека автобусите на ЈСП „од утре ќе бидат пред Владата и останатите институции, се додека не бидат подмирени долговите кон ова јавно претпријатие“.

– Автобусите на ЈСП ќе возат до оној момент додека можат. И ние она кое што е наша услуга, ќе се обидеме доследно до последниот момент да го испорачаме до граѓаните. Автобусите кои нема да сообраќаат, ќе останат пред Владата и ќе ги ставиме пред сите институции до моментот додека не си ги исполнат своите обврски, рече Арсовска.

Според Глигоров, поради ненаплатените побарувања ЈСП „Скопје“ се соочува со проблеми во тековната работа, како исполнување на обврските кон своите доверители и исплата на плати кон вработените.

Раководството на репрезентативните синдикати на ЈСП , вчера, по добиеното ветување за исплата на заостаната плата, одлучи вработените да не ја прекинуваат работата, но најавија дека ќе штрајкуваат ако не се реализира ветеното.

Back to top button
Close