Влада: Вработените во администрацијата ќе добијат К-15 за тековната и за 2020 година
Владата на денешната седница донесе заклучок со кој е предвидена исплата на регресот за годишен одмор (К-15) за 2020 и 2022 година во нето износ од по 9 000 денари.
Оваа одлука, како што се посочува во владиното соопштение, доаѓа имајќи ја предвид обврската за исплата на К-15 за 2022 година до крајот на месецов, но и со цел намалување на товарот врз Буџетот за судски и адвокатски трошоци кои произлегуваат од правосилните судски пресуди, но и најавените понатамошни судски постапки за остварување на правото за неисплатен регрес за годишен одмор за 2020 година.
Дополнително од Владата додаваат дека оние буџетски корисници и корисници опфатени со Гранскиот колективен договор, коишто немаат реални можности да ги обезбедат потребните средства за исплата на регрес за 2020 и 2022 година со внатрешна прераспределба во рамките на сопствениот буџет за тековнава година, предвидено е да се обезбедат средствата со одлуката за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници и фондовите.