Владата го раскинува милионскиот договор на Лотарија со фирма на Јахоски за објект во Визбегово!

Владата реши да го раскине долгогодишниот милионски договор за закуп на административно-деловен простор што Државната лотарија го склучи со фирмата „Хеј“ во Визбегово, за што отворена е предистрага и надлежните институции испитуваат дали има нерегуларности.

„Владата ја разгледа и усвои информација за преземените активности за раскинување на Договорот за закуп на административно-деловен простор склучен помеѓу Хеј ДООЕЛ Скопје и aкционерското друштво за приредување игри на среќа, Државна лотарија на Република Северна Македонија“, соопштија од Илинденска.

Станува збор за објект со 4 ката и поткровје, лоциран на 7 километри од центарот на Скопје. Првично, друштвото „Хеј“ го купило земјиштето и објектот, а набрзо потоа склучило договор за закуп со Лотарија за 2,6 милиони евра за период од 10 години, односно за месечна кирија од околу 22.000 евра.

Моментално, сопственик на фирмата „Хеј“ е Асмир Јахоски, газда на „Пуцко Петрол“, една од водечките нафтени компании во земјава, која во значителна мера соработува и со државни органи. Тој е син на Исмаил Јахоски, актуелен пратеник на ДУИ.

Инаку, помладиот Јахоски станал сопственик на „Хеј“ лани во октомври. Претходно, компанијата била во сопственост на Армин Машовиќ, кој по промената во сопственичката структура станал управител друштвото формирано во февруари 2023 година.

За период од неколку месеци, Машовиќ ја формирал „Хеј“, ги купил деловните простории во поранешниот ресторан за свадби „Фестина“ и потоа склучил договор со Државна лотарија за закуп за сума од над 2,6 милиони евра.

Според финансискиот извештај доставен до Централниот регистар, оваа компанија ланската 2023 година ја завршила со приход од над 30 милиони денари, од кои како чиста добивка останале цели 25 милиони денари. Фирмата имала само еден вработен.

Тогаш, директор на Лотарија беше Перпарим Бајрами, кој од страна на тогашната опозиција на ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН, која по последните избори стана власт, се посочуваше како близок соработник на поранешниот вицепремиер Артан Груби.(повеќе)

Back to top button
Close