Владата објави безбедносен протокол и насоки за етичко известување од погребот на жртвите од Кочани
Владата попладнево објави протокол за безбедност при известување од погребот на жртвите од страотниот пожар во кочанската дискотека, што се случи на 16 март.
Од Владата велат дека протоколот е направен во координација со Министерството за внатрешни работи (МВР) и во консултација со Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), како и со Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).
„За претставниците на медиумите кои ќе известуваат за настанот, полициските службеници ќе обезбедат посебна зона од патот на поворката, на 300 метри од влезот на капелата до градските гробишта во Кочани. Овој простор ќе биде обезбеден од припадници на МВР со цел да се гарантира ред и безбедност во означената област. На оваа зона исто така ќе важи забраната за управување со беспилотни летала (дронови)“,
соопшти Владата.
Оттаму велат дека овој медиумски протокол има за цел да ја заштити приватноста на семејствата на жртвите и да им овозможи на новинарите и снимателите безбедно да го следат настанот од соодветна дистанца.
Во соопштнието се вели дека со оглед на чувствителноста на трагедија и универзалните етички стандарди за професионално известување, Здружението на новинари на Македонија и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници ги повикуваат сите новинари и медиуми да се придржуваат кон следниве етички принципи:
Почитување на личната болка и достоинството – новинарите треба да известуваат со емпатија, без да навлегуваат во приватноста на семејствата на жртвите.
Избегнување на сензационализам – известувањето за трагични настани мора да биде ослободено од сензации, шпекулации или емотивно набиени наративи, фотографии и видеа.
Објавување на проверени информации – треба да се пренесуваат потврдени факти за да се спречат дезинформации.
Зачувување на баланс и непристрасност – медиумите треба да се осигураат дека нивното известување не придонесува за јавна вознемиреност.
„Освен ова, потсетуваме дека Меѓународната федерација на новинари (IFJ) во своето соопштение од 18.03 за оваа трагедија, исто така ја истакна важноста на етичкото известување. Глобалната повелба за етика на IFJ ја подвлекува должноста на новинарите да го почитуваат достоинството на луѓето и да ја стават точноста над брзината при пренесувањето на вестите од овој трагичен настан“,
пишува во владиното соопштение.
Од Владата велат дека за да се обезбеди непречено движење и идентификација, медиумските работници треба да поседуваат со себе прес-обележја и новинарски легитимации издадени од нивните матични медиумски куќи.
Денеска и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски упати порака до сите, како што рече, што имаат камери, како новинари, така и останати граѓани, да се воздржат од пренесување трогателни сцени.
„Максимално да се испочитува апелот што вчера беше даден од семејствата на загинатите. Мислам дека апелот за воздржување од пренесување на тие трогателни сцени што ќе бидат во текот на утрешниот ден, нашето почитување на тој апел би била најмалата одговорност што можеме да ја покажеме, како општетсво, сите“,
рече Тошковски.