Владата во Киев информира дека украински пилоти ја завршиле првата обука за шведските борбени авиони Грипен
Украинските пилоти ја завршија првата обука со шведските борбени авиони Грипен, соопшти таа скандинавска земја, иако засега нема потврда дали Стокхолм ќе донира некој од тие авиони на Киев. Шведска во мај соопшти дека ќе ги покани украинските пилоти и копнениот екипаж да поминат прелиминарна обука за авионите произведени од Сааб.
Според Радио Шведска, обуката е завршена и поминала добро.
– Обуката за ориентација е завршена и според извештајот што го добив од одбранбените сили, обуката помина добро, информира шведскиот министер за одбрана Пал Јонсон. Прелиминарната обука „вклучи пробни летови и во авионот и симулаторите и информативни сесии за копнениот екипаж“, појасни шведскиот министер. Искуството „ќе ја формира основата на тековната работа за да се утврди“ дали Шведска може да донира дел од своите Грипен, додаде Јонсон.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги притиска западните сојузници да му обезбедат модерни борбени авиони за да се одбрани од Русија.
Сојузниците се двоумат од различни причини, вклучително и стравувањата дека би можело да го ескалира конфликтот и потребата да се обучуваат украински пилоти.
Кон крајот на август, Копенхаген и Хаг објавија дека ќе донираат американски авиони Ф-16 на Киев, а набргу потоа и Осло. Авионите треба да бидат испорачани откако пилотите ќе бидат обучени. САД обучуваат и украински пилоти.
Во вторникот, рускиот претседател Владимир Путин ги критикуваше донациите за Киев, велејќи дека тие само „ќе го продолжат конфликтот“.