Владин извор тврди дека Хезболах се согласи за прекин на огнот во Либан пред Израел да го убие лидерот Насрала


Хезболах ги известил либанските власти дека прифатил прекин на огнот со Израел на денот кога во израелски напад беше убиен нивниот лидер Хасан Насрала, изјави владин извор за француски медиуми.

„На 27 септември Хезболах официјално ја информираше либанската влада, преку претседателот на парламентот Набих Бери, дека ја прифатил меѓународната иницијатива за прекин на огнот“, рече изворот.

Премиерот Наџиб Микати тој ден беше на Генералното собрание на ОН во Њујорк, кога САД и нивните сојузници изнесоа предлог за 21-дневен прекин на огнот во Либан.

Микати ги информирал своите колеги за позицијата на Хезболах, рече изворот, а меѓународните преговарачи чекаа да се слушне одговорот од Израел. Но, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во својот говор пред светските лидери истиот ден рече дека нема да има прекин во битката против Хезболах додека не се обезбеди северната граница на Израел.

Откако тој зборуваше, израелските ВВС извршија огромен напад врз упориштето на Хезболах во јужен Бејрут, при што беше убиен Насрала.

Back to top button
Close