ВМРО-ДПМНЕ: Лажат од СДСМ дека Владата ќе вработи 3.000 лица
Тврдењата на СДСМ за вработување на 3000 кадри во администрација се лажни, реагираат од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму додаваат дека СДСМ повторно шири бесрамни лаги, со цел, како што велат, да ја прикрие катастрофалната состојба во која ја остави државата.
„Тврдењата дека Владата ќе вработи 3.000 лица се целосна невистина и очаен обид на СДС да најде оправдување за сопствениот политички неуспех. Ако некој создаде армија на неспособни партиски војници и ја претвори државната администрација во штаб на Бихаќка, тоа е токму СДС!
Дополнително, ако има вработувања, тие ќе бидат исклучиво во согласност со пописот и реалните потреби на институциите, а не по партиски список како што правеше СДС“ се вели во реакцијата.
Од владејачката партија порачуваат дека е смешно што СДСМ денес држи прес-конференции наместо ДУИ против Влен.
„До толку се зависни од ДУИ што еден ден природно ќе си го исполнат стариот договор и ќе се спојат во една партија. Оваа Влада е посветена на квалитет, а не на партиски списоци, и тоа граѓаните го гледаат.
Паниката во редовите на СДС е очигледна – знаат дека повеќе нема шеми, тендери и дебели хонорари за нивните послушници, па измислуваат скандали кои постојат само во нивните глави“ порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.