ВМРО-ДПМНЕ повика на итна истрага за палењето на викендичката на Пандов: Ова е обид за заплашување и замолчување
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ остро го осуди палењето на викенд-куќата на директорот на Управата за извршување санкции, Александар Пандов, оценувајќи го како обид за заплашување и замолчување.
Според партијата, Пандов е цел на напад бидејќи застанал во отворена борба против криминалот и корупцијата.
„Овој чин е обид за заплашување и замолчување на Пандов бидејќи изминатиот период јавно говореше за сите криминални дејствија што се случувале, а за кои тогашната власт и раководство се обиделе да ги затскријат. Криминалците повеќе немаат заштита од страна на власта“велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму повикаа на итна и брза реакција од институциите за случајот бидејќи, како што велат од партијата, ваквото девијантно однесување мора да биде санкционирано.
„Времето на палење куќи, автомобили, уцени и закани заврши – за секој одговорен и инволвиран во вакви настани ќе следува одговорност“додаваат од партијата.
Опожарена викендицата на директорот на Управата за извршување санкции
Директорот на Управата за извршување на санкции, Александар Пандов, синоќа на социјалните мрежи објави дека е опожарена неговата викендица во скопското село Орешани во Општина Зелениково. Полицијата потврди дека А.П. (54) од Скопје вчера во 18:45 часот пријавил дека била опожарена неговата викенд-куќа во скопско Орешени.
Пандов изрази сомнеж дека се работи за смислен атак на криминалните групи.