Во Белград почна вториот дел од митингот „Не ја даваме Србија“

На платото пред Домот на Народното собрание во Белград, попладнево почна програмата на вториот ден на собирот „Не ја даваме Србија“, кога ќе биде претставено националното движење, јави дописникот на МИА од Белград.

Централниот настн е во 19:00 часот кога се очекува обраќање на претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Голем број граѓани од сите делови на Србија денеска тргнаа кон Белград да присуствуваат на митингот.
Пред зградата на Домот на народното собрание се наоѓа централната бина, до која е поставен голем транспарент „Нема да ја дадеме Србија“.

Претседателката на Парламентот, Ана Брнабиќ денеска изјави дека митингот го симболизира крајот на петмесечниот терор и поделба.

„Овој митинг го симболизира крајот на петмесечниот терор, крајот на поделбите, обединета Србија и Србија која се враќа кон себе, продолжува да работи и победува“, изјави Брнабиќ пред почетокот на митингот.

Првиот ден од тридневниот митинг „Не ја даваме Србија“ почна вчера со дефиле на знамиња, кога беше претставено српско знаме долго 200 метри, кое заедно со граѓаните го донесе претседателот Александар Вучиќ.

Вучиќ на 8 април ги повика граѓаните на овој собир, што ќе трае до утре во име на новооснованото „Движење за народот и државата“.

Собирот се одржува во ек на неколкумесечни масовни протести организирани од студентите кои ги блокираат државните универзитети со барање да се утврди одговорноста на властите за смртта на 16 лица кога се урна бетонска настрешница на железничката станица во Нови Сад.

Вучиќ најави дека на собирот ќе се утврдат барањата „што се усогласени со Уставот“.

Back to top button
Close