Во Брисел по поразот на Мароко приведени стотина навивачи

Околу стотина навивачи се приведени синоќа во Брисел поради нереди по поразот на Мароко од Франција со 2:0 во полуфиналниот натпревар на Светското првенство во фудбал, што се одржува во Катар, информираше новинската агенција Белга, повикувајќи се на полицијата.

Навивачите се приведени поради нарушување на јавниот ред и мир, оштетување на две полициски возила и поседување забранети огномети, објави агенцијата изутринава.

Делови од патиштата во центарот на градот беа блокирани во пресрет на натпреварот, се вели во извештајот. На фотографиите кои ги објави Белга има купишта запалено ѓубре, голем број полицајци облечени во опрема за разбивање нереди и жители кои синоќа почнале да ги чистат улиците.

Мароко стана првата селекција од Африка која стигна до најдобрите четири на Светското првенство, откако ги исфрли Шпанија во осминафиналето и Португалија во четвртфиналето. Ја победија и Белгија во групната фаза.

Неколку лица беа уапсени и во текот на нередите во Антверпен, северно од главниот град, објави Белга

Back to top button
Close