„Во бугарскиот парламент сите се против вас“, му рекол Главчев на Мицкоски во Брисел

Премиерот посочи дека со Главчев не оствариле состанок, туку дека по завршувањето на една од сесиите, на излегување, размениле само неколку реченици

Изненаден сум од последната изјава на техничкиот премер на Бугарија, Димитар Главчев. Имам навистина добро мислење за него. Честопати разговараме, понекогаш е активен на работните сесии. Но, овој пат не беше активен, а не зеде ниту збор на работните сесии ниту на работната вечера. Ова денеска го рече премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање дали остварил средба со бугарскиот технички премиер Димитар Главчев во Брисел за време на Самитот ЕУ-Западен Балкан, кој изминатите два дена се одржуваше во Брисел.

Мицкоски посочи дека со Главчев не оствариле состанок, туку дека по завршувањето на една од сесиите, на излегување, размениле само неколку реченици.

„По завршувањето на работната сесија, на излегување, ме поздрави и ми рече дека сум имал одличен настап, одличен говор и дека на тој начин треба да се градат односите меѓу двете држави. На тоа одговорив дека е време во блиска иднина да ја кренат рампата и конечно да почнеме да преговараме“вели Мицкоски.

додаде дека на тоа добил одговор од Главчев:

„Во нашиот парламент сите се против вас“.

Премиерот повтори дека само овие неколку реченици ги размениле со Главчев, за кого додаде дека има високо мислење и дека секогаш кога се среќавале имале пријатни разговори.

Посочи дека ние како држава не сме како сите кандидати за членки во Европската Унија, зашто повеќе од две децении сме дел од овој процес, а не сме како сите земји што станале членки во ЕУ.

„Речиси две децении сме кандидати и никој досега немал билатерални договори во својата преговарачка рамка, никој досега не променил знаме, име, банкноти. Сето ова создава фрустрација кај граѓаните на Македонија. Ние не сме како сите што станаа членки во ЕУ“,вели Мицкоски.

Посочи еден говорник од моќна држава и членка на ЕУ, кој на работната вечера кажал дека ова не е процес на поглавја и на кластери.

„Да, тоа е, формално. Ама да бидеме реални. Ако немаше политичка храброст, немаше да има ни толкаво проширување на Унијата во 2004 година. Ниту денеска ниту една земја членка на ЕУ можеби не е усогласена до точка во поглавјата и кластерите. Но, има политичка волја. Сè се сведува на политичка волја и храброст“,рече тој.

Според него, кога се зборува за идентитетски прашања или за нешто што се случило во средниот век, но како ќе има мерлив резултат кога нема некој да посведочи што се случило и тогаш се случува емоција.

„А кога ќе ви се случи емоција, тогаш многу тешко се доаѓа до решение. Затоа јас реков да ја оставиме емоцијата настрана и да зборуваме за билатерални соработки каде што ќе имаме реални и опипливи резултати кои се темелат на прогрес“,кажа премиерот.

Back to top button
Close