Во февруари завршуваат подготовките по што почнува чистењето на линданот од малата депонија на ОХИС
Македонското еколошко друштво денеска објави дека активностите предвидени со подготвителната фаза за започнување на ремедијацијата на локациите контаминирани со α-HCH, β-HCH и линдан на малата депонија на ОХИС, се реализирани во најголемиот дел.
Конкретно, како што се наведува во соопштението, реализирани се активности за подготовка и расчистување на теренот, обезбедување и обука на персоналот кој ќе работи на теренот, обезбедување механичка опрема и машини, спроведување оперативни процедури на самата локација и надвор од локацијата, анализа на почвата околу малата депонија, како и сепарација и пакување на ископаната почва од рововите.

„Активностите поврзани со ископот и поставувањето на темелите се веќе завршени и за нивното спроведување беше потребен временски период од приближно 50 дена. За самите темели се ископани ровови во кои е поставена тампонирана подлога од чакал и метална арматура и истите беа залевани со бетон, постапка што во следниот период ќе обезбеди потребна цврстина и стабилност на надземната метална конструкција и шаторот. На северниот ров каде активностите граничат со големата депонија, спроведено е дополнително зацврстување на ѕидот на оваа депонија“,
објаснуваат од Македонското еколошко друштво (МЕД).
Подготвителната фаза всушност завршува со поставувањето на безбедносниот шатор во текот на февруари кој овозможува работа во услови со негативен притисок, односно нема да се дозволи излез на ситните честички прашина од местото на ископ на контаминираниот материјал од депонијата, со што ќе се превенираат несакани емисии на контаминиран материјал во воздухот.
„Досега работата на изведувачот ‘Полиеко’, освен од Државниот инспекторат за животна средина е следена и од супервизорската компанија TAUW. Во оперативната фаза изведувачот ‘Полиеко’ ќе спроведе обуки на персоналот за ископување и ракување со отпад од HCH, процес на ископување, пакување, складирање и реставрација на локацијата. Завршна фаза на целиот процес е делот на транспортирање на отпадот до објекти за конечно отстранување од Северна Македонија, преку соседна Република Грција до Франција и Холандија, каде ќе се спроведе дополнително согорување или ремедијација на отпадните материи и почва“,
образложија од Македонското еколошко друштво.
Во сите фази на процесот на чистење, независно од изведбата на вработените и ангажираните лица од страна на фирмата изведувач „Полиеко“, ќе се спроведува активно следење на состојбата на животната средина преку следење на квалитетот на изведбата, квалитетот на воздухот и следење на квалитетот на подземните води, а сите податоци ќе бидат објавени во јавност по завршувањето на мерењата во текот на отстранувањето на линданот, додека деталите околу истражувањата ќе бидат споделени и на јавни дебати.
Македонското еколошко друштво (МЕД) подготвува и документарно видео за целиот процес на отстранувањето на линданот од малата депонија во ОХИС.
Подготовките почнаа во јули лани
Почетокот на процесот на отстранување на изомерите на линданот складирани во малата депонија во дворот на некогашниот хемиски гигант ОХИС беа најавувани во јули лани.
Според објаснувањето тогаш, откако првично ќе се отстрани горниот слој на земја од депонијата, ќе се копа на длабочина од метар и седумдесет сантиметри, до каде се очекува да се стигне до бетонските базени каде е закопан линданот. Ќе се испита до каде е загадена почвата и ќе се чисти сè додека не се стигне до неконтаминирана зона.
Тогаш, премиерот Зоран Заев најави и дека се прават напори и за обезбедување на средства за чистење на големата депонија.
Депониите со линдан во ОХИС се сметаат за најжешка еколошка точкa во земјава. Со потпишување на Стокхолмската конвенција во 2004-та, во која линданот како токсична супстанција е додаден во 2009 година, Македонија e обврзана да ја деактивира оваа темпирана бомба. Постојат документи кои укажуваат дека остатоци на линданот се складирани и надвор од фабриката, над скопско Драчево во месноста викана Пеленица, но за конкретни истражувања на оваа локација сè уште нема најава.
МЕД во рамките на повеќегодишниот проект „Отстранување на техничките и економските бариери за започнување на ремедијацијата на локациите контаминирани со α-HCH, β-HCH и линдан во ОХИС, 100122“, спроведува активности за подигнување на јавната свест за значењето и влијанието на линданот врз човековото здравје и состојбата на животната средина. Проектот е финансиски поддржан од Глобалниот еколошки фонд (GEF), имплементиран преку УНИДО (United Nations Industrial Development Organization) и се спроведува во координација со Канцеларијата за неразградливи органски загадувачи (POPs) на Министерството за животна средина и просторно планирање.