Во германскиот град Ахаус пристигна третата пратка нуклеарен отпад

Третата пратка на високорадиоактивен нуклеарен отпад без инциденти пристигна во привременото складиште во Ахаус, во германската сојузна држава Северна Рајна-Вестфалија, соопшти полицијата рано утрово.
Контејнерот „Castor“ бил транспортиран околу 170 километри од западниот град Јилих до Ахаус во регионот Минстерланд, стигнувајќи на локацијата рано наутро, се наведува во полициското соопштение. Конвојот синоќа тргнал од Јилих, пренес ДПА.
Ова е трета ваква пратка, по оние на крајот на март и на крајот на април. Досега немало инциденти. Вкупно 152 контејнери треба да бидат префрлени во текот на неколку месеци од Јилих во Ахаус.
Отпадот се пренесува во специјализирани „Castor“ контејнери дизајнирани да ја заштитат околината од радијација, при што транспортот е придружуван од голем број полициски сили.
Некои антинуклеарни активисти одржаа собири во знак на протест против овие пратки. Полицијата соопшти дека синоќа имало четири такви собири, два во Јилих и два во Ахаус, со посетеност од околу 10 до 170 луѓе.
Транспортот произлегува од наредбата на нуклеарниот регулатор на Северна Рајна-Вестфалија од 2014 година за расчистување на привременото складиште во Јилих.






