Во Киев снег, а струја и греење нема

Во Киев од денеска се очекува обилен снег, дневната и ноќната температура ќе се спуштат под нулата, а милиони луѓе во градот и околината остануваат без струја и греење.

Мрежниот оператор Укренегро објави дека производителите на електрична енергија можат да покријат само три четвртини од потребите на потрошувачите, поради што се воведени ограничувања и исклучувања низ целата земја.

Претседателот Володимир Зеленски рече дека електричната енергија е ограничена во 14 од 27 региони во Украина и во Киев, за „повеќе од 100.000“ потрошувачи во секој регион.

„Ако потрошувачката се зголеми во вечерните часови, бројот на прекини може да се зголеми“, рече Зеленски во вечерното видео-обраќање. „Тоа уште еднаш покажува колку е важно да се заштеди енергија и да се користи рационално“, додаде тој.

Сергеј Коваленко, главен оперативен директор на YASNO, компанија што го снабдува Киев со електрична енергија, рече дека ситуацијата во градот се подобрува, но сепак е „прилично тешка“.

Тој посочи дека граѓаните треба да имаат најмалку четири часа струја дневно.

„Ако не сте имале најмалку четири часа струја во изминатиот ден, пишете на DTEK Kyiv Electric Networks, колегите ќе ви помогнат да сфатите што е проблемот“, напиша Коваленко на својата Фејсбук страница.

YASNO е малопродажна подружница на DTEK, најголемиот приватен снабдувач со енергија во Украина.

Последното руско бомбардирање во средата ја предизвика најголемата штета од конфликтот досега – остави милиони луѓе во Украина без струја, вода и греење.

Русија вели дека не е насочена кон цивилното население, а Кремљ тврди дека руските напади врз енергетската инфраструктура се резултат на неподготвеноста на Украина да преговара.

Back to top button
Close