Во Косово уапсен Србин осомничен за убиство на 16 цивили во Истог во војната во 1999 година
Специјалното обвинителство на Република Косово (ПСРК) денеска до Основниот суд во Приштина поднесе обвинителен акт против поранешен припадник на Државната безбедност на Србија, осомничен за воени злосторства над цивилното население во 1998 година, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во сооштението на Обвинителството се вели дека се обезбедени доволно докази дека лицето Е.К. учествувало во убиството на 16 цивили од албанска националност, во селото Старадран во општина Истог, во 1999 година.
– ПСРК денеска до Основниот суд во Приштина поднесе обвинителен акт против обвинетиот Е.К. поради основано сомнение дека сторил кривично дело „воени злосторства против цивилното население“, санкционирано со член 142 во однос на член 22 од Кривичниот закон на Социјалистичка Федеративна Република Југославија како важечки закон на времето на извршување на кривичното дело. Од истрагите се обезбедени доволно релевантни правни докази со кои се докажува основаното сомнение дека обвинетиот во дослух со други припадници на српските полициски и воени сили учествувал и придонел во убиството на 16 цивили од албанска националност, настан што се случил на 08.05.1999 година во село Старадран во општина Истог, се наведува во соопштението.
По налог на судија во претходна постапка, обвинетиот е под мерка обезбедување – притвор, до ново решение на судот, објави обвинителството.
Истото лице, заедно со уште двајца припадници на поранешната српска државна безбедност во Косово, според ПСРК, се сомничат дека во 1998 година го запреле автомобилот на лекар во близина на аеродромот во Приштина, при што го малтретирале и вршеле физичко насилство врз него, а од тој момент не се знае ништо за неговата судбина.