Во Полска трет напад со нож во училиште
Ученичка во училиште во Варшава денеска со нож нападна три девојки и потешко повреди една, со што продолжува серијата напади во училиштата која почна кон крајот на септември, и покрај засилените мерки на полската полиција

Девојка на возраст од 21 година, ученичка во училиште за возрасни во Варшава, во ходникот пред секретаријатот на училиштето нападнала со нож три девојки, од кои две се малолетни на 17-годишна возраст, а третата има 24 години, соопшти полската полиција.
– Една од 17-годишничките е пренесена во болница, но нејзиниот живот не е во опасност – изјави за полската телевизија Полсат портпаролот на варшавската полиција Јацек Вишњевски.
Персоналот во училиштето успеал да ја совлада напаѓачката и ја предал на полицијата, која засега нема сознанија што ја навело на тој чин, но не гледа ниту врска со двата напади во училиштата во Мазовското Војводство оваа недела, кои предизвикаа паника поради гласините дека е во тек некаков интернет-предизвик „Крвав петок“.
Полската полиција денеска соопшти дека од четвртокот навечер, кога почнаа засилените контроли на училиштата ширум земјата, контролирала околу 50.000 училишта и во целата земја уапсила 79 лица, главно ученици кои или се заканувале на интернет или прошверцувале ножеви или пластични имитации во училиштата.






