Во спортските клубови завршиле речиси сите општински пари наменети за невладини организации, покажува истражувањето на ЦГК

Во истражувањето именувано како „Трошки за здруженијата на граѓани во опшинските буџети“, ЦГК објави дека преку буџетската ставка 463 – трансфери до невладини организации, лани општините доделиле 6,6 милиони евра, а над 90 отсто од средствата им биле поделени на професионалните спортски клубови. Истражувањето покажува дека лани општините поддржале 257 спортски клуба и 157 невладини организации

За здруженијата на граѓани и фондации во 2022 година општините во земјава одвоиле во просек 0,1 отсто од своите буџети, објави Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) во своето најново истражување во кое се оценува дека граѓанските здруженија не ја добиваат потребната поддршка од буџетот на општините.

Во истражувањето именувано како „Трошки за здруженијата на граѓани во опшинските буџети“, ЦГК објави дека преку буџетската ставка 463 – трансфери до невладини организации, лани општините доделиле 6,6 милиони евра, а над 90 отсто од средствата им биле поделени на професионалните спортски клубови.

Истражувањето покажува дека лани општините поддржале 257 спортски клуба и 157 невладини организации. Просечната исплата кон спортските клубови е во износ од 7 930 евра, а кон граѓанските организации 1 227 евра.

„Миленици на локалните власти се професионалните спортски клубови, кои во одредени општини добивале и по еден милион евра годишно. Со тоа што поддршката на здруженијата на граѓани и на спортските клубови се врши од иста буџетска ставка се создава искривена слика дека поддршката на здруженијата на граѓани на локално ниво е поголема од реалното“посочува ЦГК во истражувањето.

Со исплатени 1,2 милиони евра, Општина Битола е на врвот според вредноста на потрошени пари според ставката ставка 463 – трансфери до невладини организаци.

Најмалку пари според оваа буџетска ставка, пак, или 488 евра, во 2022 година исплатиле Општина Зелениково и Општина Зрновци

Најголем дел од парите што се доделени за граѓанските здруженија се за проекти од областа на социјалната заштита, по што следат проекти од областа од културата и на животната средина. Според истражувањето, речиси и да нема проекти од областа на доброто владеење, со што се оневозможува здруженијата да дадат придонес во борбата против корупцијата и кон зголемување на транспарентноста и отчетноста на локалните власти.

Во истражувањето се посочува дека јавните повици за доделување финансиска поддршка за невладините организации се објавуваат на веб-страниците на општините, но се забележува дека во нив најчесто не се наведени целите на повикот, висината на средствата ниту критериумите за избор на предлог-проектите.

Се забележува дека општините во поголем дел не ги објавуваат јавно имињата на организациите кои добиле буџетска поддршка ниту износот на доделените средства и нивната намена, а воедно од примателите на средствата не се бара ниту да доставуваат извештаи за реализацијата на проектите

Со ваквиот пристап, оценуваат од ЦГК, општините не овозожуваат транспарентен и фер пристап до средствата, како и увид во начинот на кои тие се трошат – со што се отвора простор за злоупотреби и корупција.

Back to top button
Close