ВОДАТА НЕМА ЗАМЕНА

Трифун Костовски

Македонија мора да ги заштити изворите пред да биде предоцна

Цивилизациите низ историјата преживувале многу војни. Се уривало, но и градело. Секогаш може повторно да се изгради пат, мост или зграда. Но еднаш трајно загаден извор на вода за пиење, тешко се враќа. Затоа заштитата на водата мора да стане прашање од највисок национален интерес.

Почитувани читатели, Сведоци сме на низа појави кои предупредуваат дека загадувањето на водата за пиење станува еден од најсериозните проблеми во сите краишта на нашата татковина. Минатата година тоа беше инцидентот поврзан со рудникот Тораница кој предизвика сериозно загадување на Крива Река и повторно го отвори прашањето за безбедноста на водите. Во Стар Дојран водата за пиење и денес го има проблемот со присуство на арсен. Последните проблеми со водоснабдувањето и квалитетот на водата во Гостивар дополнително покажуваат колку е неопходен организиран и постојан систем на контрола на најважниот природен ресурс од кој зависат животот и здравјето на граѓаните.

Водата не смее да ја контролираме само тогаш кога ќе се појави загадување. Мора да ја заштитуваме многу пред загадувањето да стигне до нашите чешми.

За развојот на секоја држава исклучително важна е патната инфраструктура. Но, за мене постои инфраструктура уште поважна од патиштата е инфраструктурата која ни гарантира безбедна вода за пиење. Македонија мора да создаде единствен дигитален систем за контрола и заштита на водите, преку кој ќе се евидентираат и следат сите извори, бунари, подземни води, санитарни зони, септички јами, канализациски системи, индустриски објекти, рудници, депонии и други потенцијални извори на загадување. Мораме конечно да знаеме од каде доаѓа водата што ја пиеме, низ каква средина поминува и во какви опасности може да се најде. Најсилниот загадувач е нашата несовесност!

Низа податоци укажуваат на многу сериозни фактори и пропусти кои постојат и кои мораме самите да ги решаваме. Во Македонија, во различни области, постојат повеќе видови загадување. Едни ги предизвикуваме ние граѓаните, индустријата, земјоделството и несоодветната инфраструктура, а другите потекнуваат од самата природа и геолошкиот состав на земјиштето. И за едните и за другите мора да имаме систем кој навреме ќе ги препознае. Еден од најголемите извори на загадување се непречистени, фекални, отпадни води.

Предолго тапкаме во место со изградбата на пречистителните станици. Тие не се луксуз. Тие се неопходност и, според мене, треба да имаат приоритет пред многу други инфраструктурни потреби.

Нема современа држава ако канализацијата од нејзините населени места завршува непречистена во река, канал или земја.

Септичките јами се илјадници мали извори на потенцијален ризик

Посебно опасен сегмент се септичките јами. Јавноста треба да знае дека заштитата на изворот Рашче, од кој Скопје го обезбедува најголемиот дел од водата за пиење, не започнува и не завршува кај самиот извор. Рашче е дел од сложен хидро-геолошки систем поврзан со подземните води на Полошката Котлина, Жеден и поширокото подрачје на Шар Планина. Токму затоа мора да се заштитува целиот систем кој го прихранува изворот, а не само местото од кое водата излегува на површината. Во Полошкиот регион постојат десетици илјади домаќинства и објекти кои не се приклучени на целосен систем за собирање и пречистување на отпадните води. Значителен дел користат септички или собирни јами, како и други индивидуални решенија.

Не смееме да дозволиме пропустлива септичка јама да биде нормален начин за решавање на канализацијата во XXI век.

Секоја септичка јама мора да биде регистрирана, водонепропустлива и контролирана. Мора да се знае кога е испразнета, кој ја испразнил и каде завршила содржината. Тоа не е бирократија. Тоа е заштита на подземната вода. Во овој регион се наоѓа и поранешниот индустриски комплекс Југохром во Јегуновце. Југохром мора да остане под постојан надзор!

Историското индустриско загадување и депонијата поврзана со овој комплекс не смеат да бидат заборавени само затоа што производството е запрено.

Индустријата може да престане да работи денес, но загадувањето оставено во почвата може да остане со децении.

Затоа подземните води помеѓу ризичните индустриски локации, Полошката Котлина, Жеден и Рашче мора постојано да се следат преку современа мрежа на пиезометри и лабораториски анализи.

Земјоделството мора да биде дел од решението

Земјоделството е уште еден значаен потенцијален извор на загадување на подземните и површинските води. Пестицидите, минералните ѓубрива и неправилното складирање и користење на арското ѓубриво можат преку почвата и водата да стигнат до подземните водоносни слоеви. Тоа никако не значи дека треба да го обвинуваме земјоделецот. Напротив. На земјоделецот мора да му дадеме знаење, правила, лабораториска поддршка и современа технологија за да произведува храна без да ја загрозува водата што ја пиеме.

Неопходни се темелни анализи на секоја земјоделска област во нашата држава. Треба да знаеме каде земјиштето е најпропустливо, каде подземната вода е најплитка, каде има опасност од нитрати и пестициди и каде земјоделското производство се наоѓа во близина на извори и бунари. Арското ѓубриво мора правилно да се складира и неговата употреба да биде контролирана во чувствителните водни подрачја.

Подземната вода не ги познава општинските граници

Научните истражувања покажуваат дека во големите подземни водни системи дел од водата може да се задржува со години и децении. Тоа значи дека загадувањето направено денес не мора веднаш да се појави на изворот. Но истовремено, во карстните системи може да постојат и многу побрзи патишта на движење низ пукнатини и канали. Затоа не смееме да живееме во заблуда дека имаме десет, дваесет или триесет години време за реакција.

Кога загадувањето еднаш ќе влезе во подземниот систем, природата не ни гарантира кога и каде повторно ќе го сретнеме.

Рударството мора да има црвени линии

Рудниците претставуваат потенцијално силен извор на ризик за површинските и подземните води. Македонија има значајни минерални ресурси и може да биде интересна за понатамошен развој на рударството. Но,, економскиот интерес никогаш не смее да биде над безбедноста на водата за пиење. Мора да се воспостават сериозни бариери пред започнување на било каков нов ископ на руда и минерални суровини.

Пред да се издаде дозвола за рудник, државата мора да одговори на едно едноставно прашање, а тоа е: што ќе се случи со водата ако утре се случи најлошото?

Ако одговорот не е целосно јасен, ако нема систем за мониторинг, финансиска гаранција за санација и план за хаварија, тогаш ни дозвола не треба да има. Профитот не смее да надвладее над здравјето.

Водата во селото мора да биде еднакво безбедна како водата во градот

Порачувам до Владата и до сите надлежни институции да преземат сериозни и долгорочни мерки за заштита на водата за пиење.

Особено внимание мора да им се посвети на селските и малите локални водоводи. Нашите сограѓани не смеат да пијат вода само со претпоставка дека е безбедна затоа што е бистра и студена.

Најбистрата вода може да содржи микроорганизми, нитрати, пестициди, метали или други материи кои човечкото око не може да ги види.

Безбедноста на водата не се утврдува со поглед во чашата. Се утврдува со континуиран лабораториски и санитарен надзор.

Што мора да направиме?

Пречистителните станици мора да станат приоритет за секоја урбана средина и, преку соодветни локални или регионални системи и за руралните населби. Септичките јами мора да бидат регулирани со закон кој нема да дозволи неконтролирано истекување на фекалните води во почвата и подземните води. Индустриските и преработувачките капацитети мора да бидат под постојан надзор. Рудниците и јаловиштата мора да имаат систем за рано предупредување. Земјоделството мора да добие јасни правила за заштита на водите. Секој голем извор и бунарско подрачје мора да има реална санитарна зона на заштита.

И над сето тоа, Македонија мора да изгради Национален дигитален катастар на водите. На една карта државата мора да ги гледа: изворите → бунарите → подземните води → пиезометрите → септичките јами → канализацијата → пречистителните станици → земјоделските површини → индустријата → рудниците → депониите.

Тогаш институциите нема отпосле да дознаваат за загадувањето, откако граѓаните ќе почувствуваат проблем. Ќе можат да го видат ризикот пред загадувањето да стигне до чешмата и чашата

Треба да бидеме мудри

Почитувани читатели,

Сведоци сме на глобални климатски промени на нашата планета. Во последната деценија беснеат пожари, суши и поплави на сите континенти. Климатските промени дополнително ќе го зголемуваат притисокот врз водните ресурси. Ние луѓето не можеме да ја запреме секоја природна непогода, но можеме да престанеме самите да си ја загадуваме водата. Можеме да изградиме канализација. Можеме да изградиме пречистителни станици. Можеме да ги контролираме септичките јами. Можеме да поставиме сензори и пиезометри. Можеме да ги контролираме рудниците, индустријата и земјоделството. Можеме секој граѓанин преку својот телефон да има пристап до податоците за квалитетот на водата што ја пие. За сето тоа постојат знаење, технологија и европски фондови.

Потребна е одлука.

Пат можеме повторно да асфалтираме. Мост можеме повторно да изградиме. Зграда можеме да обновиме. Но ако трајно загадиме извор од каде пијат стотици илјади луѓе, цената може да ја плаќаат генерации.

Затоа, за мене заштитата на водата за пиење не е уште една тема од областа на екологијата. Тоа е прашање на здравје. Прашање на безбедност. Прашање на опстанок. Токму затоа, Македонија мора да ја прогласи водата за пиење за национален стратешки ресурс од највисок приоритет.

Тоа не треба да го направи утре, туку денес. Треба да бидеме освестени и мудри, затоа што водата што ќе ја заштитиме денес, утре ќе ја пијат нашите деца.

Back to top button
Close