Ѕвонко Спасич

Ви пренесуваме дел од колумната на Горан Михајловски за СДК:

Во Македонија вечна, нема толку голем проблем чие што решавање не може да се одложи. Па така и почетокот на школската година. Нема Влада, нема учење. Мандатарот за состав на Владата Зоран Заев рече дека поради пандемијата со коронавирусот најдобро е почетокот на школската година наместо на 1 септември да се одложи за 1 октомври.

Во цел свет имаат проблем со организирање на наставата. Ама, се трудат, смислуваат нешто, пробуваат, работат на случајот… Нешто прават. Само кај нас имаат добро оправдување зошто наставниците и школите не се спремни за почеток на новата школска година. Нема Влада.

Зошто мора да има Влада за некој што зема плата во некоја државна институција да си ја врши својата работа? Мора ли да се знае од која партија ќе биде министерот за образование за некој да се фати за работа? Повеќе од шест месеци поминаа откако пандемијата ги затвори училиштата. Што правеа вработените во државните институции задолжени за државното образование од март до една недела пред вообичаениот почеток на школската година? Како приватните училишта се организираа и смислија начин да го организираат образовниот процес? Зошто не може да почне настава во државните школи? Што смислија државните службеници? Смислија. Нови рецепти за готвење што си ги пуштаа на Фејсбук додека работеа од дома, со ниту еден денар намалена плата. И многу лајкови за рецептите.

Еве, на пример, има една државна институција што се вика Биро за развој на образованието. По дефиниција, таму би требало да работат луѓе што знаат како да го развиваат образованието. Значи, стручни луѓе чија работа не би требало да зависи од тоа која партија е на власт. Оваа година, бидејќи не е иста како и другите години, тие луѓе што ги плаќаме сите ние за да го развиваат образованието, требаше да смислат како да се развива образованието во услови на ковид-19. Ама, не смислија.

И, се појавува Зоран Заев и вика, годинава 1 септември ќе го одложиме за 1 октомври. Зошто? Затоа што тие што требало да се спремат не се спремиле.

На времето кога одев во гимназија, кога имавме ситуација да не си спремен за испрашување, па таман кога ќе те дигне професорот да одговараш да заѕвони звончето за крај на часот, па ќе се спасиш од кец, се зафркаваме: „Ме спаси Ѕвонко Спасич“. Не знам каква фраза користат денешниве средношколци, ама излезе дека Зоран Заев им дојде на државните службеници како нам, на времето, ѕвончето за крај на часот. Мандатар во улога на школско ѕвонче. Ништо не си сработил шест месеци? Не си спремен? Ај, не се секирај. Ѕвонко Спасич ќе те спаси од кец.

Макар што, искрено, не верувам дека и на 1 октомври ќе бидат спремни за час.

Целата колумна на СДК на следниот линк.

Back to top button
Close