Вооружен маж упаднал во бродска компанија во Атина, пукал кон вработените и се затворил во објектот

Вооружен поранешен вработен упаднал претпладнево во бродска компанија во јужниот дел на Атина и почнал да пука, по што се затворил во внатрешноста на објектот, а според првичните неофицијални информации, веројатно едно лице е убиено, а двајца се повредени, јави дописничката на МИА од Атина.

Со оглед на тоа дека акцијата е во тек, засега не постојат официјални информации за инцидентот.

Засега непознат и е бројот на вработени што се наоѓаат во објектот, а грчката полиција започна акција за нивно ослободување, со специјалци, но и преговарачи, со оглед на тоа дека не е исклучена веројатноста напаѓачот да држи заложници.

Објектот на бродската компанија е под силно полициско обезбедување, затворени се околните улици, а пред зграда има и возила на брза помош.

Според првичните неофицијални информации сторителот е поранешен вработен на возраст од околу 70 години и неодамна бил отпуштен од работа.

Back to top button
Close