ВРЕМЕ ЗА БУДЕЊЕ

м-р. Глигор Стоименов
Почитувани, изгледа ние Македонците во својата понова историја секогаш сме биле последни!
Последни кренавме востание 1941, последни стигнавме во Јајце (БиХ) 1943 (или не стигнавме), последни влеговме во Југославија и последни излеговме од таму, последни во се!! Еве и денес некако сигурно се враќаме на тоа наше последно ама сигурно и “предвидливо“ место! Да, така е, од сите поранешни републики на СФРЈ, ете најсигурно последни. За жал тоа го зборуваат фактите, а нели пред фактите и боговите молчат! Последни во економски стандард, последни во просечна и минимална плата во регионот, последни во спорт, култура, уметност, едноставно последни во се!!
Долго време сум се прашувал зошто е тоа така??
Овие денови нашиот премиер ни обзнани дека ако треба ќе чекаме децении за во ЕУ, затоа што требало да има предвидливост на процесот на преговори?? Едноставно тој и неговата партија така одлучиле!! Без нив немало да има ништо, тие биле господари на се!! Тоа значи дека и во ЕУ ќе влеземе последни, ако влеземе некогаш воопшто?? Пред нашите очи буквално се демонтира и руши нашиот европски пат и сето она за што до сега работеа генерации на македонски политичари, службеници, експерти, се даде огромен труд и жртви, но имам впечаток дека македонската нација резигнирано и без големо внимание го прифаќа ова, баш им е гајле некако. Некој да Ви каже дека немате иднина во сопствената земја, Вие и Вашите деца, а да спиете мирно, тоа само по себе зборува зошто сме последни во се!!
Во Република Србија повеќе од една година слободата, демократијата и иднината на младите се брани на барикадите и на улиците!! Овде кај нас не може да се собере доволно народ ниту за минимална плата, дури и за нивната егзистенција кога се работи не излегуваат луѓето, па затоа сме последни. Но оваа самоблокада на нашиот европски пат која си ја креираме од неразбирливи (апстрактни) причини може да е корисна за влијанието на руската политика на балканот, за српската политика, за унгарската политика, но никако не може да биде корисна за нашата македонска политика, како и за опстанокот и иднината на нашата нација. “Најпатриотската“ партија никогаш во својата историја не функционирала како “филијала“ на српската политика и нејзините интереси во регионот, ова сега не знам што се случува?? Војводите, оние вистинските, некаде се превртуваат сигурно, но жално е кога овие сегашниве војводи кои се удираа во гради, ги замолкнаа со некоја “цркавица“ таму и не можам едноставно да ги препознаам, сите хорски во еден глас научиле да пеат, “ПРЕДВИДЉИВОСТ на процесот“!! Треба да се распише официјално награда за оној што ќе успее да објасни што значи тоа предвидливост на преговарачкиот процес со ЕУ!! Но вистината е дека не постои такво нешто, или не разбираат или манипулираат, трето нема.
Почитувани, за овие измислени наративи како што е предвидливост на преговарачкиот процес со ЕУ сум пишувал многу и мака ми е веќе. Имам впечаток дека никој ништо не сака да разбере. Пред некој ден ги слушав аргументите на еден таму од владејачката партија, не го познавам, но човекот повторно ги повторува истите аргументи и воопшто не ја разбира преговарачката рамка, ниту процесите и методологија на преговори, ниту убаво ја разбрал суштината на преговори по кластери. Повторно ни раскажува за Историската комисија, демек кога ќе сме почнеле да преговараме веднаш ќе не блокирале поради идентитетот на револуционерите, политики и предвидувања во стилот на Баба Ванѓа! Едноставно човекот немаше елементарно познавање околу преговорите, ама многумина се такви за жал!! Претседателката на државата Силјановска пак ни зборува за некакви парадокси!!! Замислете прашува таа, зошто биле потребни уставни измени кога во Договорот за добрососедство со Бугарија никаде не било тоа предвидено? Тоа да ти било парадокс? Јас мислам дека ова нејзино прашање е парадокс над парадоксите!! Па каква врска има Договорот за добрососедство со преговарачката рамка?? Преговарачката рамка е политички и дипломатски компромис околу кој се согласивме за да ги одблокираме преговорите!! За волја на вистината во рамките на тој компромис ние се сложивме да направиме уставни измени, а другата страна (Бугарија) се согласи да се повлече од четири од вкупно пет барања од нивната Декларација, секако под силен притисок на меѓународната заедница!! Не знам што не и е јасно на претседателката и што е тука апстрактно?? Инаку претседателката и во 2018 година тврдеше дека Преспанскиот договор бил потпишан од неовластен претставник, (министерот за надворешни работи), а можел само претседателот да потпишува.?? Тогаш ја упативме да ја прочита Виенската конвенција (член 7) чија страна потписничка сме како држава и од тогаш веќе не коментираше ништо околу ова прашање. Толку околу парадоксите на претседателката Силјановска.
Но знаете не е проблемот само во претседателот, премиерот или политичката елита која е на власт!! Проблемот е многу подлабок и посуштински, се работи за менталитет и зрелост на една нација во даден временски период. Менталитетот на нацијата го гледате секојдневно и преку постапките на поединци како во политичкиот така и во секојдневниот живот на секој еден граѓанин. Еве го гледавме сега изборот на новиот државен обвинител! Човекот е професионалец, со чисто досие во македонското правосудство без никакви замерки пред неговиот избор, но што се случи?? Едноставно со “брзина на светлината“, со своите одлуки се вклопи во оној “понизен“ и “провинциски“ менталитет, кој е карактеристика за нашата нација, едноставно ќе го слушам газдата (тој што ме избрал) да ми каже каде да го врзам магарето!! Сега само останува секој нареден ден да ги чекаме нарачките од извршната власт и орото може да почне!! Жално е ова почитувани, но македонското правосудство е на колена, тотално згазено и поклопено од секаде, нема мрдање!!
Како и да е, време за спиење нема! Како што велеше поранешниот српски премиер Зоран Џинџиќ, “ќе спиете кога ќе бидете во пензија“!! Македонската нација мора да се разбуди и да не ги чува чизмите по таваните затоа што слободата, демократијата и иднината не се бранат со спиење, време е за будење!!!






