Вучиќ: Ги разбирам студентите, но не и професорите

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави вечерва дека протестите во изминатите три месеци донеле големи и сериозни проблеми за српската економија и нагласи дека за него многу поважно од прашањето дали се поделени како општество или не, е како ќе ги зачуваат работните места.

„Не мислам дека е проблем кога луѓето имаат различни ставови, различни мислења. Напротив, тоа е лековито, корисно за демократијата во една земја. Тоа не е никаков проблем. Не постои земја во која имате потполно едноумие, но она што е важно е да постигнеме единствен и заеднички став за клучните прашања. Тоа во нашата земја веќе долго време не е возможно, но тоа не нè спречуваше во развојот и напредокот на Србија до пред три месеци,“ рече Вучиќ гостувајќи во емисијата „Хит твит“ на Пинк.

Тој нагласи дека нема да крие дека сега Србија има големи и сериозни проблеми во економијата.

„Не, протестите директно донесоа огромна штета на српската економија. Неопислива, несразмерно голема во однос на она што и ние го очекувавме. Се надевам дека ќе успееме да ја извлечеме земјата од оваа тешка ситуација и дека ќе можеме да го исплатиме сето она што сме го ветиле и дека ќе можеме да ги зачуваме работните места. За мене е многу поважно прашањето како да ги зачуваме работните места,“ додаде Вучиќ.

„Другото прашање за нас е дали можеме да го подигнеме нивото на инвестиции, посебно преку Министерството за јавни вложувања, да вложиме дополнително во училишта, болници и други објекти што не се големи инфраструктурни проекти,“ изјави Вучиќ.

Тој истакна дека во последниве два, два и пол месеци, никој не презел никаква акција околу брзата железница, како резултат на општата хајка и нестручните и злонамерни луѓе.

Вучиќ додаде дека постојат многу професори на факултетите кои не работеле два до два и пол месеци, но сепак очекуваат да ја добијат истата, па дури и малку зголемена плата.

Тој додаде дека професорите и наставниците сега работат, но само за себе:

„Тие работат за себе, а нивната работа е да се грижат за децата, а тоа не им паѓа на ум. Ова особено важи за наставниците во основните и средните училишта. Ги разбирам студентите, нивните намери се чисти и многу повеќе очекувам од нив отколку од професорите. Тие немаат време да разговараат како би помогнало да се реши проблемот. Само размислете што оставивме за иднината. Кој утре ќе му даде двојка на некое дете во училиште? Истите тие што зборуваа дека се најдобри додека ги поддржуваа. Ќе има многу проблеми со дисциплината“, изјави Вучиќ. (Euronews)

Back to top button
Close