Вучиќ: Лајчак, Плетнер и Бон предложија нова „арматура” за преговори во Брисел со цел конечно решение

Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави дека специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак и советниците за надворешна и безбедносна политика на Франција и Германија, Емануел Бон и Јенс Плетнер, предложиле нова „арматура” на преговорите во Брисел, што треба да доведе до „скоро и конечно решение” на проблемите поврзани со Косово.

Вучиќ пред новинарите во Палатата Србија по седницата на Советот за национална безбедност изјави дека суштината на двочасовните разговори е дека претставниците на најмоќните европски земји, со поддршка на САД и Турција, сметаат дека нема потреба од нови конфликти во услови кога во Европа има војна и затоа треба да се дојде до конечно решение меѓу Белград и Приштина.

Тој оцени дека Србија повторно стана колатерална штета на големите конфликти и нивното непринципиелно однесување од минатото, пренесува Бета.

– Големите западни сили и Турција сакаат да ги решат овие проблеми бидејќи има војна во Европа, можеби ние во Србија не го разбираме тоа, но Европа е во војна, Европа мора да се брани и во согласност со тој потенцијален договор, или потенцијални решенија, би ја избегнале можноста или би им било многу полесно да му дадат јасен одговор на претседателот на Русија, Владимир Путин, за правниот преседан и доделувањето независност на Косово, бидејќи потоа би рекле – еве, постигнат е договор. Ако Крим и Украина постигнат договор, тогаш може, а без тоа не може, рече Вучиќ.

Тој изјави дека европските пратеници во синоќешниот разговор му рекле дека Путин „ја подигнал завесата” и дека сега останува на сите да се изјаснат „на која страна од завесата се наоѓаат”.

Вучиќ истакна дека им го посочил и проблемот што „една по друга никнува илегална база на специјални косовски лица на северот на Косово и Метохија”, во селото Бистрица, во Кошутово, во Зубин Поток и Горњи Јасеновик.

Тој посочи дека приватна компанија започнала незаконски работи на територијата на општина Зубин Поток, узурпирајќи приватни парцели на Срби, нагласувајќи дека „немаат право на ништо од тоа, бидејќи според бриселскиот договор, полицијата на северот мора да припаѓа на Дирекцијата Север, а во неа мора да има 99 отсто Срби.

Вучиќ изјави дека Приштина не ги информира и не ги вклучува Србите во своите акции на северот на Косово, иако би морала да се консултира со четворица градоначалници од северот.

– Во суштина, тој договор, во согласност со интересите на западните земји, би значел, не можам да речам признавање на Косово што тие подразбираат под нормализација, но тоа е признавање на сето она што тие го сметаат за реалност, рече српскиот претседател.

Тој изјави дека е факт дека САД ќе испратат нова транша од воената одбранбена помош против руската агресија во Албанија, Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска и Косово.

– Се прашувам што подоцна ќе бараат од нас и Американците и сите оние од околината… бидејќи на оваа листа не е само една земја, а тоа е Србија, рече Вучиќ.

Тој наведе дека 10 дена по спроведувањето на одлуката на Приштина за регистарски таблички, пријавени се само две лица кои менуваат таблички, и тоа едно лице од север од Лепосавиќ, припадник на албанските институции и едно лице од југот на Косово.

– Немаат поддршка од народот и не можат да најдат некој од Србите што сака да ги смени регистарските таблички. Ова јасно покажува дека српскиот народ сака почитување на меѓународното право, рече Вучиќ.

Back to top button
Close