Вучиќ: Нема да има обоена револуција во Србија
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, порача дека во Србија нема да има „обоена револуција“ и дека промената на власта е можна само на избори.
Тој изјави во Кикинда, за време на посетата на Севернобанатскиот и Среднобанатскиот округ во Војводина, дека во изминатите денови и месеци „најголема поддршка добил од обичните луѓе.“
Во екот на протестите на кои се бара политичка и кривична одговорност за уривањето на бетонскиот покрив на Железничката станица во Нови Сад на 1 ноември, Вучиќ започна обиколка на регионот на Србија каде што им се обраќа на граѓаните.
Терминот „обоена револуција“ повеќепати го користеа највисоките функционери на Србија, тврдејќи дека во земјата се прави обид за таква револуција со инструкции од западните земји.
„Обоена револуција“ всушност се однесува на промена на авторитарните режими на просторот на поранешниот Советски Сојуз, како што беше украинската Портокалова револуција во 2004/5.
Вучиќ оцени дека многумина се обидувале не само него „да го отстранат, туку и многу добри луѓе кои напорно работат.“
„Сакате избори? Ќе ги добиете кога и да посакате. Сакате референдум? Ќе добиете кога и да посакате. Но, со насилство ништо нема да постигнете и никогаш нема да постигнете. Тоа ви го гарантирам“, порача Вучиќ.
Во Србија веќе три месеци траат протести на студенти и граѓани кои инсистираат на утврдување на политичка и кривична одговорност за загинувањето на 15 лица и тешкото повредување на двајца при уривањето на покривот во Нови Сад.
Студентите блокираат повеќе од 60 факултети во земјата, а нивните барања ги поддржаа и просветните работници, адвокати, земјоделци, актери и други граѓани. (РСЕ)