Вучиќ следните денови во Париз на средби со Борел, Лајчак и Макрон за Косово

Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави дека следните два дена ќе ги помине во Париз, каде ќе се сретне со шефот на европската дипломатија Жозеп Борел, специјалниот пратеник Мирослав Лајчак, а најверојатно и со францускиот претседател Емануел Макрон, јави дописникот на МИА од Белград.

-Ќе видиме какви се други состаноци ќе има. Таму е Форумот за мир, рече Вучиќ, додавајќи дека сето тоа кажува како Приштина ги планирала своите акции.

-Сега на сите им е целосно разобличено и јасно дека тоа што постоело од институциите постоело благодарение на тоа што го почитуваме нашиот збор и потпис, рече тој.

Вучиќ истакна дека претходно ги откажал своите дипломатски посети, но дека во Париз ќе оди бидејќи во прашање е Косово.

-Не можам да одговорам за се што прават овие луѓе, но нивните акции покажуваат дека тие всушност планирале сè. Дека сакале инциденти, конфликти и понижување на српскиот народ. Можете да видите дека тие сè уште не се откажуваат од своите незаконски дејствија поврзани со регистерските таблички, рече Вучиќ.

Како што оцени, на Бриселскиот договор има три потписи, Србија, односно на Дачиќ, на претставникот на Приштина и на ЕУ.

-Направивме се што требаше и сега е време тоа да го направат и другите страни, што значи формирање на ЗСО (Заедница на српски општини) и немојте лажно да ги толкувате прописите што заедно ги составивме. Ова за табеличките е апсолутно измислено, како и ова пролонгирање од десет месеци што го измисливте. Сакаме статус на КС неутрални таблички. Но, Албанците тоа не го сакаат. Немојте вие на Запад да се преправате дека не знаете, рече тој.

Тој посочи дека прашањето на табличките е апсолутно измислено, и дека го знае секој член. Како што наведе, зборувајќи за Србите кои ги напуштија косовските институции, „Приштина може да смени кого сака, но не може да го смени Ненад Ѓуриќ или Филиповиќ, ниту пак 300 чесни полицајци“.

Вучиќ денеска им ги врачи одликувања на капетанот Ненад Ѓуриќ, суспендираниот директор на Регионалната полициска управа на Северна Митровица во Косово и на капетанот Александар Филиповиќ, кој беше на должност началник на Регионалната полициска оперативна управа на Северна Митровица.

Денеска во Косово, по политичките претставници, полицајци, судии и обвинители, оставки поднесоа и високите функционери на општинските изборни комисии.

Back to top button
Close