Xеликоптери утрово продолжија со гаснење на пожарите на Серта и Огражден, се очекува авион од Романија

foto fokus mk
Во гаснењето на пожарот на планината Серта во неготинскиот дел кај селото Калањево рано утрово се приклучени четири хеликоптери, двата наши армиски и еден полициски, а на нив ќе им се придружи и еден црногорски хеликоптер. На територијата на Гевгелија, над селото Негорци, испраќаме два словенечки хеликоптери, додека во Општина Ново Село на планината Огражден испраќаме еден голем турски и еден голем српски хеликоптер, што носат пет тона вода, утрово информираше директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.
Тој додаде дека во текот на денот очекува да се воспостави контрола врз големиот пожар што со денови гори на планината Серта.
Тој најави дека денеска се очекува да слета и авионот Херкулес од Романија, што носи т.н. водни бомби од повеќе од пет тона. Заедно со него ќе слета уште еден авион кој му служи како логистика.
Низ целата држава има уште неколку пожари, кои ќе бараат воздушна поддршка, во Општините Чашка, Долнени, Студеничани, Зелениково, под врвот на Солунска глава има пожар, како и пожарот веднаш до Радовиш.