Силен земјотрес ја погоди Италија – луѓето во паника излегоа на улиците (ВИДЕО)

Силен земјотрес со магнитуда 4,7 степени според Рихтер вечерва го погоди вулканскиот регион Кампи Флегреи во близина на Неапол, предизвикувајќи голема вознемиреност кај жителите. Според италијанските медиуми, земјотресот бил најсилен во последните 40 години.
Потресот бил почувствуван во поголем дел од Неапол и околните населби, каде што многу граѓани во паника ги напуштиле своите домови и излегле на улиците.
Засега нема информации за загинати или повредени лица, ниту за поголеми материјални штети, но надлежните служби вршат проверки на објектите и инфраструктурата.
Кампи Флегреи е огромна вулканска калдера западно од Неапол, која во последните години е под засилен надзор поради честите земјотреси и постепеното издигнување на тлото – феномен познат како брадисеизам. Научниците предупредуваат дека сеизмичката активност во регионот е зголемена, но нагласуваат дека ваквите потреси сами по себе не значат дека е неизбежна вулканска ерупција.
Локалните власти апелираат граѓаните да останат смирени и да ги следат официјалните соопштенија, додека сеизмолозите продолжуваат внимателно да ја следат состојбата во еден од најактивните вулкански региони во Европа.

Струјата беше прекината во многу области на Неапол, а многу луѓе излегоа на улиците. Засега нема информации за повредени. Причинета е материјална штета, при што се урна ѕид по железничката линија и дел од ридот во областа Поцуоли.









