За пожарите во близина на Атина пред седум година обвинителката побара 12 обвинети да бидат прогласени за виновни

Во судскиот процес за катастрофалните пожари во јули 2018 година во населбата Мати во источниот дел на областа Атика, поширокиот регион на Атина, во кој загинаа 104 лица, обвинителката денеска предложи и побара 12 од 21 обвинет да бидат прогласени за виновни, јави дописничката на МИА од Атина.

Судењето е на втор степен по поднесената жалба од обвинителот за првостепената пресуда на судот, процесот започна во јули минатата година, а денеска обвинителката пред тричлениот Апелационен суд за прекршоци ги соопшти предлозите, односно 12 лица, меѓу кои и припадници на противпожарната служба, тогашната регионална управничка на периферијата Атика, тогашниот генерален секретар за цивилна заштита, како и тогашниот градоначалник на надлежната општина, да бидат прогласени за виновни.

Дополнително, судот на следно рочиште ќе ги соопшти конечните пресуди, односно дали ќе биде прифатен или одбиен предлогот на обвинителката.

Обвинителката, како што пишуваат грчките медиуми, на денешното рочиште се осврнала на пропустите како во справувањето со пожарот, така и во евакуацијата на луѓето и од делот зафатен од огнените јазици и од морето, со оглед на тоа што меѓу загинатите имаше луѓе кои се спасиле од пожарот, но се удавиле чекајќи помош.

Во првостепената пресуда од лани, 15 обвинети беа ослободени, а шестмина добија петгодишна затворска казна што можеа да ја откупат за околу 40.000 евра.

Тогаш осудени беа поранешниот началник на противпожарната служба, неговиот заменик, како и други функционери од службата кои биле на клучни позиции, а меѓу оние кои беа ослободени беа тогашниот генерален секретар за цивилна заштита, префектот на периферијата Атика, како и градоначалниците на општините зафатени од пожарот.

Соопштувањето на пресудата тогаш предизвика негативни реакции и тензии кај граѓаните што се наоѓаа во судницата, меѓу кои и голем дел роднини на жртвите, кои коментираа и извикуваа „срамота“.

Во пожарот кај Мати во јули 2018 година, што е еден од најкатастрофалните во современата грчка историја, но и вториот пожар во светот во 21 век со најголем број жртви, загинаа 104 лица, 57 се здобија со сериозни изгореници.

Back to top button
Close