За претстојниот штрајк во образованието, СОНК доби поддршка од Европската конфедерација на синдикатите за образование

Првиот човек на СОНК во својот фејсбук-статус истакна оти за време на работната средба ја информирал претседателката на Европската конфедерација на синдикатите за образование за причините на штрајкот во градинките, основните и средните училишта кој е најавен за в понеделник, додавајќи оти оттаму добиле силна поддршка

Претседателот на Синдикатот за образование и наука (СОНК), Јаким Неделков, на својот фејсбук-профил објави оти денеска имал работна средба со претседателката на Европската конфедерација на синдикатите за образование (ЕТУЦЕ), Сузан Флокен, од која добил силна поддршка за претстојниот штрајк во образованието кој го најави Синдикатот.

Неделков во својот фејсбук-статус истакна оти за време на средбата ја информирал претседателката на ЕТУЦЕ за причините и подготовката за организирање на штрајкот во градинките, основните и средните училишта, најавен за в понеделник, и додаде оти оттаму будно ќе ги следат случувањата поврзани со штрајкот.

Флокен во името на ЕТУЦЕ дава силна поддршка на СОНК и верува во издржаните барања до конечен успех. Подвлече дека будно ќе ги следат случувањата и извештаите од штрајкот на СОНК особено ако има обиди за попречување на правото на штрајк, што е регулирано со меѓународните конвенции и препораките на Меѓународната организација на трудот,објави Неделков на Фејсбук.

Генералниот штрајк во градинките, основните и средните училишта започнува в понеделник, на 11 април, откако барањата на СОНК за зголемување на платите во образовниот сектор не беа исполнети од страна на Владата.

Синдикатот бара зголемување на платите за 18,4 отсто, односно нивно усогласување со минималната плата која од овој месец е зголемена од 15 200 на 18 000 денари. Дополнително, бараат минималната плата да биде основица со која ќе се множат коефицинетите на сложеност на работни места.

Сепак, двата одржани преговори помеѓу СОНК и Владата по однос на овие прашања завршија без договор.

„За жал никаков процент, никакви бројки не беа изнесени на маса и морам да кажам дека излегуваме разочарани што нема што да пренесеме во јавноста и до членството. Очигледно, несериозно се сфаќа дека ќе има генерален штрајк на 11 април, кој може да има многу сериозни последици за сите“,

изјави Неделков по средбата во понеделникот по средбата со владините претставници која се одржа во Министерството за финансии.

 

Back to top button
Close