За што разговарале Радев и Сиљановска-Давкова?
Важноста на конструктивниот дијалог на највисоко ниво меѓу двете земји, вкучитечно и во мултилатералните формати бил тема на телефонскиот разговор што бугарскиот претседател Румен Радев вчера го имал со македонската претседателка, Гордана Сиљановска-Давкова.

За разговорот информираа од Кабинетот на Радев, преку кусо соопштение објавено на официјалната интернет страница на претседателот на Република Бугарија.
„Овој дијалог е од особено значење и за градење стабилна основа за развој на билатералните односи и за справување со регионалните и глобалните предизвици поврзани со безбедноста, борбата против тероризмот и борбата против илегалната миграција“, се вели во соопштението.
Информација за разговорот, барем засега, не е објавена на каналите за комуникација на претседателката Сиљановска-Давкова со јавноста и медиумите, но во телефонски разговор од нејзиниот Кабинет за „360 степени“ потврдија дека двајцата претседатели вчера имале комуникација.
Како што велат од претседателкиот Кабинет, станувало збор за пријателски разговор во кој бугарскиот претседател ја поканил Сиљановска-Давкова да учествува на АКАБА-самитот кој на почетокот на април треба да се оддржи во Јордан.
Радев, како што појаснуваат од Кабинетот, заедно со јорданскиот крал Абдула е кодомаќин на овогодинешниот самит, на кој клучните теми за кои ќе стане збор се безбедноста, борбата против тероризмот и екстремизмот и илегалната миграција.
„Поканата е прифатена и можеме да потврдиме дека претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ќе оди на самитот во Јордан“, рекоа од кабинетот.
Инаку, покана за присуство на самитот во Јордан од бугарскиот претседател Сиљановска-Давкова, како што самата кажа во неодамнешното интервју за ТВ Сител, добила и за време на нивната средба на одбележуавњето на 80-годишнината од ослободувањето на концентрациониот логор Аушвиц-Биркенау на 27 јануари.
„Значи, тоа беше еден убав разговор, повторно двајцата рековме, и тој рече дојдете, јас реков набргу ќе се сретнеме сега во април бидејќи тукушто ме покани на т.н. процес АКАБА, тоа е процес за борба со тероризмот и екстремизмот, инициран од јорданскиот крал. Значи одбрана група од претседатели, така пишува, одбрана група, се канат и во моментот кодомаќини се господин Радев и јорданскиот крал. Ние имаме усвоено Национална стратегија за борба со тероризмот и екстремизмот, и еве уште една причина да видиме што ќе правиме“, рече претседателката. (360 степени)