Задолжително носење заштитни маски во здравствените установи и забрана за посети во болниците, препорача Комисијата за заразни болести

Комисијата за заразни болести препорачува да се воведе задолжително носење заштитни маски во здравствените установи и во домовите за стари лица, како и забрана за посети во болниците и во домовите кои згрижуваат стари лица.

„Бидејќи сме во интензивна сезона на респираторни инфекции препорачуваме задолжително носење маски во здравствените установи, во домовите кои згрижуваат стари лица, и од страна на персоналот и од страна на згрижените лица и пациентите, и препорачуваме забрана на посетите во болниците и во домовите кои згрижуваат стари лица. За другите препорачуваме совесно дејствување, тогаш кога ќе се осетат дека се болни да носат маски да избегнуваат метежи и затворен простор бидејќи на тој начин можеме да се заштитиме и да ги олесниме симптомите“ рече претседателот на Комисијата, Александар Петличковски, во изјава за медиумите дадена по денешната седница.

Препораките, рече Петличковски, ќе бидат испратени до министерот за здравство, па оттаму во Владата, но тој вели дека граѓаните не мора да чекаат тие да бидат изгласани, туку едноставно да стават маски за да се заштитат. Петличковски рече дека тие и минатата недела ги дале истите препораки, но не стигнале до Влада.

Според претседателот на Комисијата, има зголемување на бројот на случаи од грип, но дека во моментот не постои загрозување на општата јавна здравствена состојба.

„По однос на состојбата со грип, моментално имаме зголемување на бројот на случаи и споредено со минатата недела и споредено со просечниот број случаи во минатите 13 години. Влезени сме во сезоната на инфлуенца и повторно треба да размислуваме за заштита на највулнерабилните, на најлесно ранливите луѓе, тоа се постарите луѓе над 65-годишна возраст, луѓето со хронични болести и нив ги повикуваме, доколку во минатиот период не завршиле со вакцинација, да се заштитат со примање на вакцина против грип“,рече Петличковски.

Тој рече дека до денеска веќе има шест смртни случаи на заразени со грип, што, како што рече, не е мала бројка и ги повика ранливите категории, лицата над 65-годишна возраст и оние со други болести кои се подложни на грипот, а не се вакцинирале, да се јават во вакциналните пунктови оти има вакцини.

Директорката на Инфективната клиника Милена Стевановиќ рече дека сите шестмина починати од грип починале на Инфективната клиника, не биле вакцинирани и имале и други болести.

„Последниот случај, станува збор за женско лице на околу 45-46 години со коморбидитети. Во моментот, седум лица се хоспитализирани на Инфективната клиника, петмина со потврда, а за две се чека. Шест лица се хоспитализирани со ковид-19“,рече Стевановиќ.

Таа апелираше секој настинат, дури и со благи симптоми да остане дома или да се држи настрана од интензивни комуникации и да носи маска оти, како што рече, веќе се покажа дека маската може да заштити.

Декември завршил со 403 заболени од грип, бројот се удвоил за една недела

Во амбулантите на Инфективната клиника, Стевановиќ вели дека дневно се прегледуваат по 60-100 пациенти што е добро затоа што според неа тоа значи дека пациентите се со полесни симптоми, но додава дека секогаш има пациенти што може да манифестираат клиничка тешка слика на грип.

„Сезоната е за грип. Бројките очекувано растат. Кај и да е, ќе го постигнеме пикот и сите треба да бидеме внимателни“рече директорката Стевановиќ.

На прашањето дали ќе има некои други препораки со оглед на тоа што наредната недела почнува второто полугодие од учебната година, Петличковски рече дека не се очекува да се случува некоја голема разлика и затоа, како што рече, потребно е просториите редовно да се проветруваат и да се внимава на хигиенските мерки.

Двата случаи на голема кашлица не се загрижувачки според Комисијата, но Петличковски ги повика родителите кои пропуштиле вакцинација на децата да го направат тоа оти големата кашлица е најопасна токму за малите деца.

Тој рече дека предлагаат „чешлање“ на вакциналните картони и потсетување на родителите дека ги прескокнале редовните вакцини за голема кашлица кај децата на возраст од два, четири и шест месеци по раѓањето.

Back to top button
Close