Заев за ДВ: Русија и Кина не нудат алтернатива за европските вредности

Македонскиот премиер Зоран Заев во интервју за ДВ вели дека се надева на решение на спорот со Бугарија со новата влада во Софија. Во спротивно, и посакува среќа на Албанија сама да продолжи на европскиот пат, пренесува Дојче веле

Големо е разочарувањето и траумата кај граѓаните по блокадата на европскиот пат на Северна Македонија, но земјата нема да бара алтернативи, вели премиерот Зоран Заев во интервју за емисијата „Конфликтна зона“ на Дојче веле. Во него, Заев зборува за шансите за решение на спорот со Бугарија, претстојниот попис, корупцијата во земјата и опасноста за регионот доколку продолжи одложувањето на интеграциите во ЕУ.

„Јас сум оптимист затоа што за време на нашата последна посета на 17 јуни, се сретнавме со сите официјални претставници во Бугарија, со претседателот, со премиерот, министрите и понудивме решенија за сите отворени проблеми. И, постоеше целосна потврда за тоа, но останува неопходноста од политичка влада во Бугарија. Поради тоа, јас сум оптимист и можам да заклучам дека продолжуваме да бидеме целосно пријателски ориентирани, затоа што сме први соседи и нормално треба да обезбедиме подобра иднина за нашите млади луѓе, да не грешиме во таа насока. Затоа, верувам дека по формирањето на новата влада (во Софија, н.з.) е можно решение“, вели Заев.
Иако разочарувањето во земјата по бугарската блокада „е многу големо”, како што вели Заев, сепак алтернатива за земјата нема.

Bulgarien | Treffen mazedonischer Premierminister Zoran Zaev mit Amtskollege Stefan Yanev in SofiaПремиерите Зоран Заев и Стефан Јанев во Софија, 17 јуни 2021

„Не, нема друга алтернатива за нас освен единствената: членството на Северна Македонија во Европската унија. А, пактот за европеизација на нашата земја е најскапоцен, најважен за сите наши граѓани. Ние и другите земји од Западен Балкан сме како остров во Европската унија. Опкружени сме целосно од земји членки на Европската унија. И на крајот на денот, ние сакаме да продолжиме и еден ден да станеме полноправни членки на Европската унија. И тоа не е затоа што ние избираме да одиме во Европската унија. Тоа е заради вредностите. Ние веруваме многу во европските вредности. Знаете, има многу други интереси тука во југоисточна Европа и на Балканот, од Русија, од Кина, од остатокот од светот. Но, тие не нудат  вредности, демократски вредности, тие не нудат европски вредности.”

„И посакувам среќа на Албанија”

Одложувањето на европската иднина на земјите од регионот, губењето на мотивацијата станува опасна за сите земји од Западниот Балкан, како и за Северна Македонија, вели Заев.
„Само иднина во ЕУ ни дава надеж дека ќе продолжи европеизацијата на земјата. Повеќе владеење на правото, подобар здравствен систем, европски образовен систем, добра економија…“
Северна Македонија и Албанија последниве години во пакет се надеваа на позитивна одлука за почеток на пристапните преговори со ЕУ, но се почесто се поставува дилемата за можно одвојување на двете земји.
Во Европскиот совет веруваат дека ќе биде полесно да се донесе одлука за почеток на преговорите за двете земји во пакет, отколку поединечно, вели Заев, но за него не постои никаков проблем доколку двете земји сега се одвојат поради ветото од Софија.

Nord-Mazedonien: Westbalkan GipfelДоколку С. Македонија не може да продолжи кон ЕУ, нека и е со среќа на Албанија, вели Заев. Еди Рама, Зоран Заев и Александар Вучиќ во Охрид, 10.11.2019

„Секоја земја заслужува да биде оценувана според своите резултати. Му посакувам успех и среќа на нашиот западен сосед, Албанија да продолжи на тој пат доколку продолжи оваа блокада од Бугарија.”

Груевски избега со помош на Будимпешта

На забелешката на новинарката дека Северна Македонија падна на најниското место на листата за корупција на Транспаренси интернешнл и дека и понатаму стојат забелешките дека не се гони ткн. висока корупција меѓу поранешни и актуелни функционери, меѓу кои и поранешниот премиер Никола Груевски, Заев објаснува дека тоа не е вистина.

„Унгарската влада му помогна на Груевски да избега од Северна Македонија и му даде дозвола за престој во Унгарија, што според нас, се коси со меѓународното право. Ние сега бараме легален начин како да го вратиме назад за да си ја отслужи затворската казна“, вели премиерот.

Ungarn 2015 Nikola Gruevski, Premierminister Mazedonien & Viktor Orban Унгарската влада му помогна на Груевски да избега, тврди Заев. Никола Груевски и Виктор Орбан, 20.11.2015

„(…) Но многу други екс-министри се во притвор или веќе отслужуваат затворски казни, дури и од актуелната влада. Луѓе блиски до оваа влада се гонат пред судовите, или се веќе во затвор“, вели Заев и дополнува дека Антикорупциската комисија, обвинителството и судовите имаат целосна независност.

Заев верува дека Пописот закажан за септември ќе биде успешен и тврди дека резултатите од него нема да имаат никакво влијание врз веќе остварените права на заедниците во Северна Македонија.
„Правата на нашите граѓани не зависат од Пописот, затоа што постои уставна гаранција на правата на сите малцинства“, вели Заев и објаснува дека тоа се однесува и на употребата на албанскиот јазик како втор службен јазик во земјата.

Погледнете го целото интервју на премиерот Зоран Заев на англиски јазик: 

 

 

Back to top button
Close