Заев за „Еуроњуз Албанија“: Ако испорачуваме и ЕУ мора да испорача за да не се развиваат дискусии за нови етнички граници

Продолжување на процесот кон Европската Унија но и ЕУ да испорача со што би се спречило развовање на нон пејпери за нови граници, порачува премиерот Заев во интервју за „Еуроњуз Албанија“ (Euronews Albania).

-Ако испорачуваме и Европа мора да испорачува, затоа првата порака е таа – да продолжат процесите, заради тоа што во спротивно се развиваат нон пејпери и дискусии за нови етнички граници, нови граници на држави, а тоа, знаат и децата е можно само со пушки и со оружје. Не нѝ треба тоа, 21 век е, истакнува Заев додавајќи дека тој сериозно верува дека, ако Европската Унија затајува и ги забавува процесите, се создава плодна почва и за нон пејпери и за стратегии кои ќе се развијат во нешто кое што нашите народи овде не го посакуваат.

Тој потсетува дека во светот се развива ерата на четвртата индустриска револуција и Балканот е навистина променет, заради европската иднина којашто сите ја посакуваат. Според него е многу важно и тоа што Северна Македонија, е доказ дека мултиетничките општества може да бидат голема предност, поука и пример за сите други земји.

Национализмот и шовинизмот, вели Заев, го има насекаде во светот, но на Балканот е видлив и затоа не треба да се потхранува бидејќи ги уништува перспективите на младите, нивните генерации.

-Сите ние имаме посебно национално чувство и топлина во нашите гради, но сите ние сме должни да им оставиме на децата европска иднина затоа верувам во онаа обединетост на различностите што е симболот на ЕУ, нагласува премиерот во интервјуто.

Тој, се наведува во соопштението на Владата, верува дека Европа навистина ќе остане солидарна и во својата филозофија на формирање и опстојување како уникатен пример во светот, ќе продолжи да постои и да се унапредува

Back to top button
Close