Заев за Мицкоски: Ако ние не се придржуваме до мерките, не ни е местото во политиката
Ако ние политичарите не се придржуваме на одлуките и забраните, ако ние даваме погрешен и срамен пример пред граѓаните, тогаш не треба ни да се занимаваме со политика, реагира претседателот на СДСМ, Зоран Заев, откако синоќа лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски беше „уловен“ во кафеана на „Боемска“ во Дебар Маало.
Не му е првпат, вели Заев, да не ги почитува мерките и да ја лаже и манипулира јавноста.
„Како што никој не веруваше во приказната за мали деца за ‘отсјајот во теретаната’, така сега никој не верува во приказната дека лидерот на опозицијата не бил информиран доволно за новите протоколи. Па, како е можно да не бил информиран, кога министерот за внатрешни работи постојано кажува дека редовно го информира својот шеф за сите одлуки и мерки на Владата? Како е можно Мицкоски да не знаел дека неговата ’средба со познаници во една скопска кафеана‘ е арогантно кршење на правилата за заштита на здравјето? – напиша Заев на Фејсбук.
Наместо искрено да се извини и да повика да се почитуваат мерките, вели лидерот на СДСМ, Мицкоски се одлучи да каже дека власта му е крива небаре таа го однесе во кафеана.
„За политичари кои дрско, арогантно и безобразно кршат здравствени протоколи, не треба да има место во политиката. Политичари кои дење лицемерно глумат дека се загрижени за здравјето на граѓаните, а навечер ги кршат здравствените мерки, привилегирани политичари кои мислат дека теретаните и кафеаните треба да бидат отворени само за нив, ќе добијат силно ’не‘ од граѓаните – порачува Заев