Загубите на најголемиот увозник на гас во Германија за шест месеци надминале 12 милијарди евра

Компанијата „Унипер” што е најголемиот увозник на гас во Германија, во првото полугодие оваа година забележала загуби во износ поголем од 12 милијарди евра, од кои половината се последица на проблемите во снабдувањето гас од Русија.

Приближно 6,5 милијарди евра од тие средства се последица на прекините во испораките гас од Русија како последица на војната во Украина, соопштено е денеска од компанијата.

Статистиката покажува дека 2,7 милијарди евра од загубите се резултат на откажувањето од изградбата на гасоводот Северен поток 2, огромен инфраструктурен зафат што беше стопиран неколку дена по почетокот на рускиот напад врз Украина.

„За наредната 2023 година очекуваме подобрување, а од 2024 дури и да ги анулираме загубите, изјави финансиската советничка на „Унипер’ Тина Туомела.

„Унипер” се обидува да се справи со неповолната ситуација настаната поради тоа што компанијата е приморана да обезбедува гас по повисока цена, по намалувањето на испораките од Русија. Компанијата се соочува со проблем во ликвидноста бидејќи разликата во цената не може во целост да ја префрли врз потрошувачите.

Back to top button
Close