Заканите кон јавниот обвинител се закана кон целото Обвинителство, велат од Здружението на јавни обвинители во земјава

Оттаму посочуваат оти Јавното обвинителство, како институција со интегритет и сила, се бори против сите облици на криминалитет и оти во извршувањето на функцијата на кривично гонење на сторителите на кривични дела никој и со никакви средства не може да го спречи Јавното обвинителство ниту, пак, да го поколеба во неговите надлежности

Здружението на јавни обвинители во земјава преку соопштение до медиумите најостро ги осуди заканите упатени кон државниот јавен обвинител Љубомир Јовески што вчера осамнаа во јавноста.

Како што посочуваат од Здружението, заканите упатени кон обвинителот Јовески како највисок степен во јавнообвинителската хиерархија претставуваат закана кон целата институција и кон сите носители на оваа функција.

„Вакви закани од каде било и од кого било да доаѓаат, најблаго речено, се нецивилизациски чин. Тие се во спротивност со сите меѓународни акти и востановени стандарди за функционирањето на Јавното обвинителство во секоја правна држава“,

велат од Здружението на јавни обвинители во Северна Македонија.

Оттаму посочуваат оти Јавното обвинителство, како институција со интегритет и сила, се бори против сите облици на криминалитет и оти во извршувањето на функцијата на кривично гонење на сторителите на кривични дела никој и со никакви средства не може да го спречи Јавното обвинителство.

„А уште помалку да го поколеба во извршувањето на неговите уставни и законски надлежности“,

додаваат од Здружението на јавни обвинители.

Преку препорачана пратка, испратена по пошта од Битола, до државниот јавен обвинител Љубомир Јовески изминативе денови стигнало писмо со закани по живот.

Испраќачот или испраќачите во писмото се претставуваат како терористичка организација и бараат да бидат ослободени од гонење двајцата новинари од ТВ Алфа, Горан Момировски и Драган Милосављевиќ, постапка за која од Јавното обвинителство нагласуваат дека веќе е запрена во декември 2021 бидејќи нема место за гонење од страна на јавен обвинител.

Обвинителот Јовески, пак, на ваквите закани возвраќа дека се залудни.

„Јавниот обвинител на Северна Македонија истакнува дека се залудни ваквите закани и во оваа пригода нагласува дека заканите, па дури и да се по живот, нема да го поколебаат во примената на законите и во професионалното и одговорно постапување на Јавното обвинителство. Пратката ќе биде доставена до Министерството за внатрешни работи заради испитување на содржината на наводите и лицето кое ја експедирало пратката“,велат од Обвинителството.

Back to top button
Close